Катар: Имаме право на одговор


Teхеран –  Иран го уверува Катар дека американската воена база Ал-Удеид, најголемата на Блискиот Исток, врз која беа испукани ирански ракети, е далеку од станбени области и дека нападот не претставува никаква опасност за „братската и пријателска земја Катар и нејзините жители“.

„Иран е посветен на одржување топли односи со Катар“, се вели во соопштението на Врховниот совет за национална безбедност на Иран.

Се додава дека операцијата против американските сили во воената база Ал-Удеид била успешна и дека „бројот на испукани ракети е еднаков на бројот на бомби што САД ги користеа во нападот врз нуклеарните објекти на Иран“.

Иранската револуционерна гарда издаде соопштение во кое се наведува дека пораката на Иран до Белата куќа и нејзините сојузници е „јасна и недвосмислена“.

„Иран под никакви околности нема да остави без одговор никаков напад врз нејзиниот територијален интегритет, суверенитет и национална безбедност“, се вели во соопштението на ИРГК.

Немаше жртви во иранскиот напад врз американската база Ал-Удеид, објави Катар.

Катар дополнително објави дека го задржува правото на директен одговор во согласност со меѓународното право. Според нив, ПВО пресретнала ирански ракетен напад.

„Убедени сме дека катарските противвоздушни сили го запреа нападот и успешно ги пресретнаа иранските ракети“, се додава во соопштението на Катар.

Министерството за одбрана додаде: „Благодарение на Бога, будноста на вооружените сили и преземените мерки на претпазливост, инцидентот не резултираше со смртни случаи или повреди.“

Министерството, исто така, објави дека воздушниот простор и територијата на земјата се „безбедни“.

„Сметаме дека ова е грубо кршење на суверенитетот на Државата Катар, нејзиниот воздушен простор, меѓународното право и Повелбата на ОН“, напиша Маџед ал-Ансари, официјален портпарол на Министерството за надворешни работи на Катар.