Каселакис до Мицотакис: Ако Преспанскиот договор е штетен, нека направи подобар со ВМРО
-Ова прашање треба да го упатите до владата и премиерот. Го поделија народот и го извадија на улица и оттогаш не само што не направи ништо за да ги ратификува позитивните аспекти на овој договор, туку наместо тоа, сега доаѓа кај нас (Кирјакос Мицотакис) и вели: „Тоа е штетен договор, но јас го почитувам“. Ако е штетен договор, нека оди кај ВМРО, која им е и соседска партија во Европската народна партија и нека се договорат за корисен договор, кажал Каселакис во интервју за грчката државна телевизија „ЕРТ“.
Истакнал и дека „ако грчкиот премиер навистина не се согласува со договорот, сигурно ќе најде разбирање во актуелната влада на Северна Македонија“.
-Нека оди таму и нека направи корисен договор. Во спротивно нека признае дека го инструментализираше и дека уште еднаш го лаже грчкиот народ, кажал лидерот на СИРИЗА.
Со договорот се реши деценискиот спор со Грција што беше пречка и во евроатлантските интеграции на Скопје. Денес, Северна Македонија е членка на НАТО, но уште чека отворање на преговорите со ЕУ по поглавја, како и се уште останаа обврски за исполнување од страна на Грција во однос на меморандумите.