Касами не ги спроведува одлуките на Џафери


Градоначалникот на Тетово и еден од лидерите на ВЛЕН, Биљал Касами жестоко реагираше на вчерашната одлука на Владата за стопирање на уривањето и реновирањето на Градскиот стадион во Тетово. Тој им порача на техничкиот премиер Талат Џафери и вицепремиерот Артан Груби дека стадионот ќе продолжи да се гради.

-По осумгодишното уништување што му го предизвика на Тетово, владата продолжува да штети. Овој пат носи одлука за прекин на работите на стадионот во Тетово. Уште еднаш докажавте кои сте, докажавте дека само ѝ направивте штета на оваа држава. Деновите ви се одбројани, со вакви одлуки не спречувате да работиме за нашите граѓани. Стадион ќе се гради, дури и да не ви се допадне. Доаѓа работна власт во Тетово и сите градови во државата ќе се градат и развиваат според планираното, објави Касами на социјалните мрежи.

Владата синоќа на седница донесе одлука да се прекине реновирањето на Градскиот стадион во Тетово, почнато неодамна, додека нема правна разврска на случајот. Исто така, Владата одлучи да се обрати со препорака до Уставниот суд, да ја земе предвид итноста на овој случај и да се произнесе. Владата заклучи и да се разгледаат правни основи, согласно Кривичниот законик, за покренување соодветна пријава до надлежните органи, во врска со овој случај, стои меѓу другото во владиното соопштение.