Каролина се пофали од одморот на Крф пред есенската промоција на албумот

Поп-ѕвездата Каролина Гочева на социјалните мрежи се пофали со фотографии од летниот одмор и откри дека со сопругот, уметникот Михаил Корубин место на Миконос уживаат на Крф.
Есенва ќе биде готов новиот албум на Гочева. Станува збор за албум со 11 песни, преработки на најубавите македонски евергрини, во соработка со Дуке Бојаџиев и Исмаил Лумановски.
„Многу се радувам што конечно можам да Ви го најавам мојот нов албум – проект на кој заедно со @dukebojadziev и @ismail_lumanovski работевме скоро две години. Албумот го снимивме на почетокот на оваа година, во јануари, додека идејата за истиот се роди уште во 2016, после нашиот прв заеднички настап, на еден концерт на Дуке. Избравме и преработивме 11 од најубавите македонски евергрини од 50ти, 60ти, 70ти години- златната ера на македонската музика, потпишани од некои од нашите најмаркантни автори како Драган Ѓаконовски Шпато, Димитар Масевски, Тодор Бојаџиев, Љубомир Бранѓолица…, сподели Каролина пред објавата на новиот сингл ‘Идила’ како најава за албумот наесен, по три години од последниот, деветти студиски албум „Извор“.