Карантинот е идеално време за чистење на духот и телото: Искрено со Васил Зафирчев, актер


Лејла Сабит

Фото: Иван Наунов

Се појави како нешто мало и невидливо, за нас целосно непознато, но толку заканувачко што го прави поголемо и помоќно од нас самите. Вирусот е и опомена за нашиот погрешен концепт на живеење, кој се темели на материјализмот и егото, на алчноста и покорноста, на контролата и стравот. На нашиот конформизам наспроти крикот на природата и нужноста од наша реакција за промена, вели актерот Васил Зафирчев, во интервјуто за nezavisen.mk.

Веќе 18 години е на театарската сцена, и еден од омилените ликови од македонските телевизиски серии како „Преспав“ . Откако се  откажа целиот репертоар на неговиот матичен театар во Велес, каде е и уметнички директор, како и пробите за најновата театарска продукција, Зафирчев како голем перфекционист и сега во корона-кризата, во својот дом секојдневно чита, вежба јога и медитира и така го одржува внатрешниот мир и оптимизмот.

Како го доживеавте коронавирусот? Колку вонредната состојба и полицискиот час ви влијае на секојдневниот живот?

-Коронавирусот е закана по здравјето и животот, една од најголемите со кои се соочува човештвото после пандемијата на шпанскиот грип од почетокот на 20-от век. Се појави како нешто мало и невидливо, за нас целосно непознато, но толку заканувачко што го прави поголемо и помоќно од нас самите. Вирусот е и опомена за нашиот погрешен концепт на живеење, кој се темели на материјализмот и егото, на алчноста и покорноста, на контролата и стравот. На нашиот конформизам наспроти крикот на природата и нужноста од наша реакција за промена. Во еволуцијата пак на човечката свест, коронавирусот е и лекција, испит кој треба да го положиме како човечки суштества. Повик на природата до човештвото да се позабави со себе и да ги промени старите обрасци на делување. Таа кулминација на индивидуалната, несомнено ќе направи трансформација и во колективната свест.

За разлика од полицискиот час кој како мерка се применувал во одредени кризни периоди, вонредната состојба е нешто со кое државата за прв пат се соочува од нејзината независност. Ново, непознато и крајно фрустрирачко искуство за сите нас, бидејќи подразбира не само забрана на движењето, туку во одредени аспекти ги ограничува и личните права и слободи на граѓаните. Иако целта на оваа вонредна состојба е токму заштитата на јавното здравје на нацијата како главен приоритет на државата, по примерот на францускиот и италијанскиот модел, наместо ригидност, би требало да се има полиберален пристап во изборот и имплементацијата на мерките, па освен за итните медицински случаи, да се поведе сметка и за старите и изнемоштени лица, за лицата со специјални потреби како и за здравјето и благосостојбата на домашните миленици.

На кои лекции не (не) научи пандемијата ?

-Пандемијата на коронавирусот е симбол на длабока промена на човештвото, кое токму сега минува низ кризата на нарцизмот. И ја плаќа цената на антропоцентризмот и неговото апсолутистичко владеење со природата и нејзините ресурси. Се рушат темелите на стариот поредок, не само на општествен, политички и економски план, туку пред се на личен и колективен, а со тоа се раѓа спознанието дека не сме семоќни и дека не можеме да го контролираме светот и животот. Пандемијата не потсети колку промашено живееме, и како би можело или би требало да се живее. Воедно потврди дека незнаењето и стравот се сеуште најмоќно оружје за масовна манипулација, поопасно и од самата природа на вирусот. Но ја извади на виделина и целата наша неспособност за адекватно и навремено дејствување за справување со предизвиците, како и отсуството на лична и колективна одговорност во ситуација кога јавното здравје е главен и единствен приоритет. Околностите во кои се наоѓаме бараат зрело и одговорно однесување, почитување на мерките за заштита, со цел да се зголеми сигурноста и да се избегнат непотребните ризици по животот и здравјето.

Како да се зачува здравиот разум во свет кој никогаш повеќе нема да биде ист?

-Најважно е да дефинираме каде и на што ни е фокусот во моментов. И тука има две линии. Од една страна, голем дел од светската популација е фокусиран единствено и само на проблемот, хранејќи го притоа стравот и паниката во очекување на најцрното можно сценарио од пандемијата. Но од друга страна, се формира и една друга временска линија, во која голем дел на разбудени поединци, со високо изразена свест и лична одговорност се фокусираат на решението на проблемот, на она што следи потоа, одржувајќи ја во себе надежта дека пандемијата ќе заврши брзо со минимални последици по човештвото и дека работите ќе се подобрат после ова привремено запирање на нормалните текови на животот. Единствено и само од нас зависи што ќе ни биде во фокусот на внимание и на која временска линија сакаме да живееме од сега.

Кои мерки ги преземате за да се заштитите од коронавирусот?

-Крајно ги почитувам сите пропишани мерки за заштита. Имунитетот го чувам и зајакнувам со здрава и умерена храна, главно со свежо овошје и зеленчук, доволно количество вода и природни напитоци за детоксикација на база на лимон, мед, ѓумбир и куркума. Секојдневно читам, вежбам јога и медитирам и така го одржувам внатрешниот мир и оптимизмот. За високата вибрација секако заслужен е и мојот домашен миленик, шицуто Беба, во чие друштво го поминувам времето во самоизолација.

Како е да се биде актер во изолација? Дали заканата од вирус влијае на креативноста, во смисла ја потикнува или ја намалува?

-Интензивниот внатрешен живот на секој уметник продолжува дури и во време на криза и изолација. Карантинот е идеално време за чистење на духот и телото, за личен раст и развој, но и можност за проширување на знаењата и вештините и откривање на нови творечки провокации.

Ова е време на виртуелна култура, кога културните институции се затворени, и тука и во светот, се прават виртуелни тури низ уметнички галерии и музеи, а претстави се емитуваат онлајн или на јутјуб. Колку тоа ќе влијае на духот на секој поединец, на публиката и на вработените?

-За разлика од филмот и телевизијата како медиуми, како и уметничките поставки на галериите и музеите, апсолутно неприродно ми е театарот да биде дел од виртуелната култура, бидејќи е сетилна уметност со синкретична природа, која се потпира единствено и само на живиот и директен контакт со гледачот и неговото доживување во мигот. Никогаш не сум уживал во емитувањето на телевизиски снимки од театарски претстави и тие за мене имаат значење само како своевиден архивски документ. Затоа со нетрпение го очекувам повторното отворање на театрите, враќањето на сцената и непосредниот контакт со публиката. Иако несомнено е дека пандемијата и карантинот ќе имаат и свое негативно влијание во однос менталното здравје и појава на многу психоемотивни рецидиви од кризата, а тоа секако ќе се одрази и на социјалната активност на луѓето, особено во однос на колективните настани. Но искрено се надевам дека публиката и после ова повторно ќе го посетува театарот и ќе ги полни салоните.

Со кого најмногу се слушате?

-Со родителите и најблиските пријатели.

Што ви недостасува најмногу од секојдневниот живот?

-Слободата на движење и контактот со природата.

Кои ангажмани моравте да ги откажете?

-Се откажа целиот репертоар на мојот матичен театар во Велес како и пробите за нашата најнова театарска продукција.

Бевте дел од серијата „Преспав“ која наиде на одличен прием кај публиката. Што е толку магично во оваа серија?

-Живоста и веродостојноста на ликовите, како и хуморот и сатирата на нашиот менталитет.

Што ќе направите прво кога ќе се нормализира ситуацијата?

-Ќе заминам на долга прошетка во природа.