Канцеларија на ЕУ во Мариупол погодена од руска граната


Канцеларијата на Советодавната мисија на ЕУ во Украина беше погодена од руско гранатирање во Мариупол, но никој од тие што работеа таму не е повреден, изјави во вторникот шефот за надворешни работи на ЕУ, Жозеп Борел.

„Денес, Советодавната мисија на ЕУ Украина (ЕУАМ) доби веродостојни информации дека просториите на нејзината теренска канцеларија во Мариупол беа погодени од руско гранатирање“, се вели во соопштението на највисокиот дипломат на ЕУ. Додека самата канцеларија и опремата претрпеа „голема штета“, ниту членовите на персоналот на мисијата, ниту изведувачите не беа повредени, додаде Борел. Во соопштението не е прецизирано кога се случило гранатирањето.

Борел остро ги осуди нападите. „Бараме Русија веднаш да ја прекине воената офанзива и безусловно да ги повлече сите сили и воена опрема од целата територија на Украина“, рече тој.

Советодавната мисија на ЕУ во Украина е цивилна безбедносна мисија, која беше формирана во 2014 година за да помогне во обновата на довербата на јавноста во владата во пресрет на таканаречената револуција Мајдан, која кулминираше со соборувањето на претседателот Виктор Јанукович. Таа има за цел да им помогне на украинските власти во реформирањето на цивилниот безбедносен сектор, како што се полициските сили, обвинителските служби и граничарите. Канцеларијата на мисијата беше отворена  во Мариупол во септември 2020 година.