Каква 2026 за Европа и Украина. А каква за Трамп 

Николас Мадуро беше брутален и корумпиран диктатор, но Доналд Трамп се сложува многу добро со многу побрутални и корумпирани диктатори. Главната цел на Трамп за заробувањето на Мадуро лежи на друго место - во огромните наоѓалишта на нафта во Венецуела


Сите оние што се сеќаваат на безбедносната акција во поранешна Југославија  „СВОЗ-Сите во одбрана и заштита“ ги евоцираа зборовите на Маршал Тито: „Работиме како да ќе живееме сто години во мир, а се подготвуваме како да ќе има војна утре!“

Токму овие политички сугестии на Тито се совпаѓаат со филозофијата на Западот, вклучувајќи ги НАТО и ЕУ во однос на  геостратешката позиција за 2026. Во март 2025 ЕУ издвои 800 милјарди евра и го обзнани планот за долгорочното вооружување на ЕУ до 2030. Британскиот премиер Кир Стармер во фервруари 2025 изјави дека доколку е потребно тој е подготвен да испрати војници во Украина. Со слични тонови настапи и германскиот канцелар Фридрих Мерц. „Не ја исклучуваме можноста за испраќање германски војници во Украина“. Конечно, и францускиот претседател Макрон сугерира дека „клучот за решавање на кризата  е испраќање на илјадници француски војници на тлото на Украина“, што во Москва беше доживеано како воен предизвик. Началникот на Генералштабот, генерал Мандон, во ноември отиде еден чекор понатаму и порача дека „ќе треба да прифатиме дека многу наши деца ќе загинат во војната со Русија“. Оваа изјава наиде на остри критики во Франција во стилот – „што бараме ние таму, тоа не е наша војна“.  На 11 декември од Берлин се огласи и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте: „Ние сме идната цел на Русија, војната е пред нашиот праг, мора да се подготвиме за војна од размери споредливи со оние што го доживеаја нашите баби и дедовци“.

Како да се протолкуваат овие воинствени изјави. Во времето на студената војна, изјави од овој вид биле незамисливи. Американскиот претседател Никсон напиша  дека научил две работи од Ајзенхауер (кому му беше потпретседател): „Никогаш не им кажувајте на вашите противници што ќе правите, но пред сè, никогаш не им кажувајте што никогаш нема да направите“. Денес изгледа дека најголемиот проблем во демократското општество е убедувањето на јавното мислење во исправноста на белигерантните ставови на политичарите.

Si vis pacem, para bellum

Латинската максима, Si vis pacem, para bellum, односно ако сакаш мир подготвувај се за војна, се толкува на следниот начин. Силната војска во мирно време служи како средство за одвраќање, со што се осигурува безбедност и стабилност од потенцијална агресија. Најдобрата одбрана за одржување на мирот е солидната воена подготовка, бидејќи силната војска ги обесхрабрува непријателите и спречува конфликт. Оваа поговорка генерално му се припишува на римскиот автор Вегетиј (4-5 век). „Оној што сака победа треба внимателно да ги обучува своите војници. Оној што сака поволни резултати треба да се бори потпирајќи се на своите вештини, а не на среќата“. Поговорката е широко користена за изразување различни идеи на многу јазици. Сепак, оваа поговорка може да се стави во инверзија: Si vis bellum para pacem, ако сакате да се подготвите за мир.

Осврнувајќи се на надворешната политика на Наполеон Бонапарта, Луј Антоан Фовелет де Буриен напишал: „Секој ја знае поговорката […] Ако Наполеон беше авторитет на латински, веројатно ќе ја превртеше во Si vis bellum para pacem (Ако сакате војна, подгответе се за мир), што значи дека ако планирате војна, треба да ја намалите гардата на другите нации со промовирање на мир. Друго толкување може да биде дека подготовката за мир може да доведе до тоа некој друг да ви објави војна.

Идејата за вооружен мир доби вознемирувачки пресврт на почетокот на 20. век со акумулацијата на оружје од страна на разни нации. Во 1907 година, Националниот конгрес за арбитража и мир, под претседателство на Ендру Карнеги, запиша: „Овие огромни копнени и морски арсенали се бранат како средство не за водење војна, туку за нејзино спречување… постои побезбедна алтернатива… потребна е само согласност и добра волја од владите. Денес тие велат… Ако сакате мир, подгответе се за војна“. Вооружениот мир не функционира кога една нација не сака мир. Германско-еврејскиот пацифист Ричард Грелинг, откако веќе го осуди влегувањето на Германија во војната во 1914 година во „Обвинувам“ (1915), во 1918 напиша, цитирајќи го говорот на Вудро Вилсон „Светот мора да биде безбеден за демократијата“: „[…] кога сите други средства ќе пропаднат […] ослободувањето на светот од воена доминација, во екстремни случаи, може да се постигне само со борба […].

МАГА и грабнувањето на Мадуро

Ако сакаме да ја разбереме амбицијата на Доналд Трамп мора подлабоко да се  преиспита малку познатата историја на национализацијата на големите нафтни американски компании во Венецуела „ЕксонМобил“, „Шел“ и „Шеврон“, инаку главни финансиери на Републиканската партија. Аналитичарите и политичарите  во светот се поделени околу интервенцијата на американските војници кои го грабнаа претседателот на Венецуела Николас Мадуро и го пренесоа во Затвореничкиот центар во Бруклин, Њујорк.

За заговорениците на меѓународното право тоа е непристоен чин со кој се повредува меѓународниот правен поредок и суверенитет на една независна држава. За заговоениците на реал-политиката, интервенцијата е оправдана заради макијавелистичкото отстранување на диктаторот и неговата нарко-трговијата. ЕУ со исклучок на Данска која се загрижи околу сличното сценарио со Гренланд, беше единствена во подршката на интервенцијата на САД во Венецуела. Меѓутоа многу аналитичари на Далекиот Исток ги свртеа погледите кон Тајван и Кина. Што ако Ши Џинпинг се инспирира од Трамп?

Без да се навлегува во  идеолошките или геополитичките аспекти на американската интервенција, Доналд Трамп на својот прес истакна дека тоа било само „повторно потврдување на Монроовата доктрина“, односно воспоставување империјални сфери на влијание, каде западната хемисфера мора да остане под американско водство. Меѓутоа, експертите сметаат дека главнот мотив за овој хол-доп на насреќниот Мадуро била нафтата како  суштински влог  на трампистичката филозофија. Главна цел е запленување и екстракција на најголемите светски резерви на црно злато, долго време експлоатирани со невидена профитабилност од страна на американските мултинационални компании и нивните акционери.

Мадуро беше брутален и корумпиран диктатор, но Трамп се сложува многу добро со многу побрутални и корумпирани диктатори. Недостатокот на демократија во останатиот свет не генерира никакво непријателство кај него. Главната цел на експедицијата на Трамп лежи на друго место: да се продолжи со експлоатацијата на нафтеното богатство на Венецуела во корист на богатите Американци, експлоатација што го достигна својот прв врв во 1960-тите, за време на „златното доба“ денес митологизирано во движењето МАГА – Make America Great Again. Со  национализацијата, од 1976 година,  на средствата на „ЕксонМобил“, „Шел“ и „Шеврон“ во Венецуела беше прекинат профитот од „златна венецуелска кокошка“. Доналд Трамп тогаш  наполни 30 години. Меѓутоа уште од тој период до денешни дни Трамп не престана да ја осудува оваа „кражба“. Затоа тој и не ја крие својата главна цел: да се врати на лавовските услови и профит од периодот 1920-1960 година.

Украина преживеа четири години војна

Во февруари 2026 Украина ќе влезе во четвртата година од војната која успеа да ја преживеа благодарение на својот храбар народ и обилната помош на Западот. Украинците успееја да ги забават  офанзивите на руската армија  и  да го одржа фронтот што се протега со илјадници километри. Но војните со таква геополитичка должина престануваат да бидат само прашање на храброст. Јасно е дека украинските војници беа подготвени да се борат. Но, најтешкиот дел е дали државата сè уште може да обезбеди доволно луѓе, гранати, воздушна одбрана и пари за да спречи војната решително да се сврти против неа. Бројките стануваа тешки за толкување. Постојаниот проблем со пешадијата и недостаток на човечки потенцијал заради масовната миграција, непријатното насилно мобилизирање, дезертерството ја доведоа Украина во човечки дефицит.

Најсериозниот воен недостиг на Украина се однесува на нејзината пешадија. Обучената пешадија мора да ротира, има потреба од одмор за да се врати на линијата на судирот. Војната исцрпува и ја казнува страната на која ѝ недостасува човечки напацитет и огнена моќ. Артилеријата и проектилите резултираат со огромно мнозинство од жртвите на бојното поле од двете страни. Неколку проценки сугерираат дека жртвите од артилерија се приближно до 80 отсто, но точниот сооднос е помалку важен од ефектот. Кога украинскиот артилериски оган се намалува, украинските жртви нагло се зголемуваат констатира. Помалку гранати на Украина значат дека руската пешадија може да се движи а украинската пешадија да трпи  поголеми  човечки губитоци. До доаѓањето на Доналд Трамп во Белата куќа, Украина трошеше 40.000 гранати од 155 мм месечно, со план  да се   достигне бројката 100.000 месечно до средината на 2026 година. Меѓутоа набргу американската помош се редуцира. Европа го зголеми своето производство, но не доволно брзо за да го елиминира дефицитот.

Предноста на Русија и финансискиот дефицит на Украина

Предноста на Русија е бројноста на пешадијата, издржливоста и употребата на софистицирано оружје. Руските перформанси на бојното поле остануваат скапи и бавни. Но, нејзината стратешка позиција е јасна. Москва го преобликува и потчини сопственото стопанство исклучиво во функција на  воената економија. Според Меѓународниот институт за истражување на мирот од Стокхолм  (СИПРИ) трошоците за одбранана Русија достигнаа меѓу 7%-8% проценти од БДП. Руската армија троши речиси 40 отсто од федералниот буџет. Русија финансира околу една третина од државните приходи, добиени од извозот на енергенси, независно од санкциите и ограничувањата на цените. Русија произведува гранати, ракети и беспилотни летала на индустриско ниво. Таа го надополнува домашното производство со увоз и технологии од Кина, Иран и Северна Кореја. Западните аналитичари сè повеќе се согласуваат дека, освен ако не се случи сериозен внатрешен шок, Русија може да ги одржи своите тековни воени напори уште неколку години. Оваа констатција  е важна бидејќи исцрпувањето ја наградува страната што може да продолжи да ја плаќа сметката. Русија може да апсорбира поголеми загуби бидејќи нејзиното население е поголемо, а нејзиниот фонд на потенцијална мобилизација е подлабок. Украина не може да ги замени загубите со иста стапка. Секој месец одложувањето во стабилизирањето на финансирањето и снабдувањето малку ја поместува рамнотежата на штета на Киев. Буџетот на Украина е  изграден врз надеж, а не врз пари, но за жал и врз корупција. Украина за 2026 година беше соочена со финансиски товар. Приходите на Украина се проценуваат на околу 69 милијарди долари. Проектираните расходи изнесуваат  114 милијарди долари. Одбраната и националната безбедност сочинуваат повеќе од една четвртина од БДП. Само сервисирањето на долгот ќе чини повеќе од 12 милијарди долари. Украинското министерство за финансии проценува дека на државата ќе ѝ требаат околу 49 милијарди долари надворешна поддршка во 2026 година. Новата програма на ММФ би можела да обезбеди нешто повеќе од 8 милијарди долари до 2030. Ова помага, но не го решава проблемот. Без ново финансирање до пролет, Украина ќе мора да го намали производството на беспилотни летала. Губењето на оваа предност ќе ја забрзаше спиралата на исцрпување на Киев. Затоа изгласувањето на кредитот од 90 милијарди евра од страна на ЕУ на извесен начин ќе ги затвори овие дупки.

Дали е можен мир во 2026

Според мислењето на експертите на ОЕЦД, Русија и Украина моментално се во оперативeн паритет. Линијата на фронтот е практично во застој. Украина нема да потпише мировен договор под услови прифатливи за Русија ако верува дека паритетот на статус-кво ќе продолжи. Отстапувањето територија сега за неизвесното примирје значи идна војна под уште помалку поволни услови. Со оглед на тоа како Европа ги интензивираше своите дејствија, Украина моментално се чини дека има доволна поддршка за одржување на паритетот. Малечки  се и  очекува да се промени нешто во овој најзначаен стратешки геополитички влог во 2026 година. Русија нема да потпише мировен договор под услови прифатливи за Украина ако верува дека паритетот ќе продолжи. Таквиот статус кво му одговара совршено на Путин и му помага да ја одржи и консолидира власта на домашен терен.

Покрај тоа, диктаторите се речиси секогаш арогантни и ја преценуваат својата сила.  Тешко е да се предвиди дека нешто ќе се промени во 2026 година. Мирот ќе дојде само кога едната од двете страни ќе почне да верува дека се движи надвор од актуелната замрзната состојба. САД можат да развијат колку што сакаат мировни планови, но каква моќ имаат да ја принудат која било страна да ги прифати? Залихите на главните добавувачи на одбрана на ЕУ веќе ги надминаа оние на САД за фактор пет од 2022 година. Колку повеќе САД ги условуваат ова за ЕУ ​​и Украина, толку повеќе ќе почнат да им штетат на САД. Она што САД би можеле да го направат е еднострано да ги укинат санкциите против Русија, но ЕУ беше многу посериозен трговски партнер приближно 20 пати поголем за САД во однос на обемот на трговијата од Русија во 2021 година. Ризикувањето на трговијата со ЕУ за трговија со Русија ќе ѝ наштети на американската економија. Она што би можело да се случи во 2026 година е значително помал интензитет. На дипломатски план, предлог-мировниот договор на Зеленски од 20 точки, беше лесно отфрлен од страна ан Кремаљ, така што неизвесноста и натаму останува. 

Во отсуство на американската помош по изборот на Трамп, решеноста на Европа воено и  финансиски да ја помага  Украина ги откри нејзините ограничувања. Со месеци, лидерите на ЕУ дебатираа за користење на замрзнати руски средства за конечно да поддржат голем заем. Правните ризици и внатрешните поделби, особено ставот на  Белгија, каде што се чуваат повеќето од средствата, предизвикаа планот да пропадне. Наместо тоа, се избоксува заем од 90 милијарди евра гарантиран од неискористени буџетски средства на ЕУ. За Украина, исходот е поважен од методот. Парите ќе пристигнат порано отколку напуштениот план за руските замрзнати средства и би можеле да ја спречат пролетна криза на ликвидноста. За Европа, значењето е подлабоко. Договорот беше постигнат без едногласност и со исклучоци за неподготвените земји-членки.

Ова претставува преседан за ЕУ и за нејзиното единство. Овој чин покажа дека ЕУ може, под притисок, да создаде заедничка финансиска моќ за да ги оствари безбедносните цели. Сепак, 90 милијарди евра не ги покриваат сите потреби на Украина до 2027 година. Обемот на помош нагло се намали во последните месеци. Без дополнителни обврски, Киев ќе продолжи да работи на краткорочни хоризонти за планирање, неспособна да обезбеди договори за муниција, воздушна одбрана и опрема во обем потребен за војната. На крајот на краиштата, Европа е речиси недостижна во одредувањето на исходот од војната бидејќи не успеа да ја усогласи својата дипломатска реторика со доволна финансиска и воена моќ. Парите и оружјето се валута на влијание. А Украина станува сè позависна од Европа. Ако ништо не се промени структурно, 2026 година ќе стане пресвртница за Украина, година во која фронтот може да се држи во некои области, но способноста на Киев да спречи оперативни дефекти и да преговара од позиција на сила ќе се влоши. Тоа не ја спречи Европа да се повикува на старата поговорка: „ако сакате мир – подготвувајте се за војна“.

(Нано Ружин е универзитетски професор и поранешен амбасадор)