Каков е нашиот влог за иднината на економијата


МИРЧЕ ЈОВАНОВСКИ

По корона кризата се  очекува да дојде до прераспределба во однос на поставувањето на нови синџири на добавувачи, а Македонија може да игра важна улога доколку е мудра и се насочи кон решавање на постојните слабости

Пад на домашниот бруто-производ меѓу 3,5 и пет отсто, а можеби и повеќе доколку има втор бран на пандемијата со Ковид-19, буџетски дефицит од 6,8 отсто, зголемување на јавниот долг на над 60 отсто од БДП што ќе не смести во високозадолжените земји, зголемување на стапката на невработеност за два-три процентни поени и враќање неколку години назад, пораст на социјалата, пропаднати фирми и бизниси…

Долга е листата на економските последици од корона кризата со кои допрва ќе се соочуваме. Оние кои ќе ја водат државата ќе бидат во улога на „невозможна мисија“ да го извлечат бродот од бурата и да го насочат кон помирни води.

Но, колку тоа брзо и успешно ќе се направи ќе зависи и од она што се прави сега, во екот на кризата. Тоа е всушност нашиот влог за иднината на економијата.

Во интервју за Независен, Патрик Мартенс, директор на Делегацијата на германското стопанство изјави дека никој во моментов не може да предвиди колку ќе трае пандемијата со корона вирусот, ниту колкави ќе бидат на крајот штетите врз стопанствата, но она што сега може да се направи е земјата да се подготви најдобро што може за периодот по кризата. Делегацијата на германското стопанство веќе две децении ги застапува интересите на Унијата на германските комори за индустрија и трговија, а рамки на оваа асоцијација е и Македонско-Германското стопанско здружение кое со своите 202 компании-членки е најголема билатерална бизнис асоцијација и е надлежна за економската соработка со македонскиот најголем и најзначаен трговски партнер – Германија.
Пораката на Мартенс е јасна и прецизна – да се насочиме кон шансите и да работиме на надминување на слабостите, за да може во периодот по корона кризата да се носиме со земјите конкуренти во привлекувањето странски директни инвестиции и во влегувањето во синџирите на снабдување. Бидејќи, многу е веројатно дека по кризата ќе се направи прераспределба во однос на поставувањето на нови синџири на добавувачи, а Македонија може да игра важна улога.

Земјата е блиску до Европската унија, има добра логистичка поврзаност, пазар што има поволни услови за производство, либерален пазар… Но, она на што треба и понатаму да се работи и што се слабости на овој пазар се правната држава и судството“, вели Мартенс и додава дека и шансите и слабостите се слични во моментов и кај земјите конкуренти – Мароко, Тунис, Србија, Босна и Херцеговина, Украина. Затоа и неговата јасна порака државата да се фокусира на шансите.

Тој исто така вели дека периодот на преговори за членство во ЕУ е вистинскиот да се направат структурните промени во стопанството, да се унапреди образованието и здравството и дека тоа ќе биде потешко кога ќе станеме членки на Унијата, бидејќи ако тоа не се прави сега, тогаш земјата ќе остане празна.

И други економисти, академици, стопанственици се на линијата на Мартенс – дека кризата треба да се искористи да се надминат некои слабости кои се провлекувале во минатото, дека е можност за преструктуирање на стопанството и за насочување кон оние стопански гранки кои можат да донесат најмногу придобивки за мала и отворена економија, каква што е македонската. За такво нешто се потребни храбри и брзи мерки и одлуки.

Некој можеби ќе забележи дека е премногу рано да се зборува за вакви работи особено кога секојдневните податоци за бројот на новозаболени и починати од опасниот вирус никако да се намалат. Но, повеќето ќе се согласат дека двете работи – битката за луѓето и за економијата не се исклучуваат една со друга, туку во многу нешта се испреплетуваат.

Затоа воопшто не е одвишно да се размислува како македонското стопанство да излезе со што помалку лузни од корона кризата и во „новата економска нормала“ да го обезбеди своето место под сонцето како конкурентна и функционална економија. Прашање е само дали оние кои треба да дадат свој пример – политичките лидери – го прават тоа. Политичкиот амбиент во кој партиите не можат да се усогласат за термин за спроведување на парламентарните избори ја турка државата и економијата во сосема друга насока.

Финансиската поддршка од трите пакети владини мерки и начинот на кој таа (ќе) се распределува е позната, како и дебатите што се водат дали е доволна и достапна за оние на кои навистина им е неопходна. За власта поддршката е соодветна и добро одмерена, за опозицијата служи за предизборен поткуп на граѓаните, за стопанственциите е недоволна, за економистите дека требало да се оди уште похрабро… Ваквите дебати сигурно ќе траат и во наредните месеци, како што ќе стигнуваат на реализација одделните мерки. Можеби ќе бидат потрени и нови во зависност од развојот на ситуацијата. Странските компании што работат во економските зони и надвор од нив исто така имаат свои барања. Тие заедно вработуваат околу 30 илјади луѓе и учествуваат со значаен дел во надворешно трговската размена на земјата. Колку се реални и прифатливи ќе оцени Владата, но од друга страна од тоа како ќе се постави може да зависат и идните одлуки на странски компании дали ќе инвестираат во земјава или за своја дестинација ќе одберат некоја од другите посочени држави.

И повторно, во целиот овој мозаик неодминливо се наметнува прашањето за функционирањето на правната држава и за ефикасноста на судството.

Со вонредната состојба техничката влада која имаше за цел да спроведе регуларни и фер избори доби супер моќ да донесува уредби со законска сила. Тоа помогна да се „гаси пожарот“ и да реагира брзо во кризната ситуација, но сепак, без функционално Собрание и политичка влада со целосен мандат на мнозинството гласачи, тешко дека може да се носат позначајни стратешки одлуки кои ќе ги насочат стопанството и државата во посакуваниот правец.

Затоа, во отсуство на таквата арена каде што ќе ги спротивстават ставовите, не чуди што политичките партии ја користеа економијата повеќе за надмудрување кој предложил поспасоносно решение, отколку да дебатираат на вистинско место за клучните прашања. Но, зачудува таквиот контрапродуктивен пристап ако се знае дека без оглед чија ќе биде владата по парламентарните избори, таа пред себе ќе има огромна планина проблеми кои ќе мора да ги решава. Просто е неверојатно колку некои од политичарите го застапуваат принципот колку полошо толку подобро, кога утре таквиот пристап лесно може да им се удри од глава, секако ако ја имаат можноста да управуваат со државата и да носат економски одлуки.

Колку само време се (по)троши за договор за датумот на изборите. И колку енергија отиде во неврат на непотребни надмудрувања кој е попаметен. Да се искористеше дел од времето и енергијата во полза на економијата, веројатно ќе беше поинаку.

Не рекол народот џабе „што ќе посееш, тоа ќе жнееш“.