Како земјите од регионот се справуваат со свинската чума


Ветеринарната комора на Република Северна Македонија денеска е домаќин на делегации од ветеринарните служби и институции од Република Србија и Република Хрватска. Директорот на Ветеринарната комора, д-р Томислав Николовски на прес-конференција информираше дека состанокот ќе го искористат да разменат мислења, состојби и информации што се од интерес за државата, по појавата на африканската свинска чума.

Во однос на депопулацијата на свињите, Николовски информираше дека првата фаза е завршена, а во моментов се одвива и втората фаза.

– Првата фаза на депопулација на зоната на заштита на три километри од фокусот на инфекција од село Драмче е веќе завршена, што значи сите свињи во одгледувалиштата се отстранети без штета, односно хумано усмртени и закопани прописно во сточни јами, направена е и дезинфекција и дезинсекција на сите одгледувалишта. Во моментов се одвива втората фаза, односно фаза на зона од 10 километри од фокусот на инфекцијата, каде се врши попис и идентификација, вели тој.

Претседателот на Ветеринарната комора потсети дека во последните десет години државата имала искуство со две поголеми епидемии, како што се епидемијата на син јазик и епидемија на јазлеста кожа, болести што по природа се векторски. Сега, тој вели дека се соочуваме со сериозна заразна болест што има потенцијал во крајност да го загрози домашното свињарство и затоа на располагање се ставени сите ресурси.

Д-р Мишо Коларевиќ, претседател на Ветеринарната комора на Република Србија и директор на Ветеринарниот институт во Краљево изјави дека Србија има двегодишно искуство со африканската свинска чума.

– Во моментов, до негде е стабилна состојбата, но имавме и случај со појава на една поголема фарма каде мораше да бидат отстранети 20.000 свињи. Тоа е и најголемата опасност, таа да пробие во интензивното производство бидејќи во тој случај има големо економско влијание, рече Коларевиќ.

Во однос на мерките тој препорача дека кога е во прашање африканската свинска чума, нема специфична терапија ниту вакцина, па затоа е потребно да се практикуваат био-сигурносни мерки, што подразбираат контрола на увозот, дезинфекција, дезинсекција, одговорно однесување на сопствениците на животните, со што ќе се намали ризикот од болеста.

Претседател на Хрватската ветеринарна комора, д-р Иван Земљак истакна дека со појавата на африканската свинска чума во Европа во 2019 година, Хрватска започна да спроведува категоризација на сите сопственици на свињи и издаде препораки за био-сигурносни мерки со цел да спречат контакт на домашни и диви свињи.

– Оваа година имаше отстрането голем број на диви свињи, со цел да се намали бројот и да не дојде до појава на болеста, додаде тој.

 

Првиот случај на африканска свинска чума во Северна Македонија беше потврден на 6 јануари оваа година во делчевското село Драмче.

Како што најавија од Ветеринарната комора на Република Северна Македонија, тие ќе потпишат договор за соработка со Здружението на ветеринари практичари на Република Србија со кој се продлабочува соработката во делот на континуираната едукација на докторите по ветеринарна медицина од клиничката пракса.