Како универзитетите може да ја избегнат стапицата на Трамп
Тоа е испробано во други земји кои се соочуваат со авторитарни репресии. Тоа функционира
По речиси три месеци откако администрацијата на Трамп ја почна војната против универзитетите и година и пол од организираната кампања на Републиканската партија против претседателите на врвните колеџи, јасно е дека антисемитизмот и правилата за еднаквост и инклузија се само изговор за нападите. Како и многу од она што го прави оваа администрација, војната против високото образование е мотивирана од антиинтелектуализам и алчност. Трамп гради мафијашка држава, каде што дон е тој што ги распределува и парите и моќта. Универзитетите се независни центри на интелектуална и, до одреден степен, политичка моќ. Трамп се обидува да ја уништи таа независност.
Постои начин универзитетите да возвратат. Тоа бара повеќе од одбивање да се наведнуваат на волјата на Трамп и нешто повеќе од формирање обединет фронт. Тие мора да ги остават зад себе сето она што ги окупира и ремети – рангирање, донатори, услуги во кампусот – и да се фокусираат на нивната основна мисија: производство и ширење на знаење. Интелектуалците ја усвоија оваа стратегија за борба против автократите во другите земји. Тоа функционира.
Бидејќи Трамп гледа на сè како на трансакција и претпоставува дека сите се водени од профит, тој пристапува кон универзитетите на ист начин како што ги третира адвокатските канцеларии и, веројатно, другите земји: заканувајќи се со разорни финансиски мерки за секоја поединечно за да ги принуди да се прилагодат и да ги спречи да формираат сојузи. Трамп би можел да воведе данок на универзитетските донации (endowments), за што речиси сигурно ќе ужива широка јавна поддршка. Сепак, тоа би влијаело на секој голем универзитет, што би можело да ги наведе да се здружат. Грантовите за истражување, кои се специфични за секој универзитет, претставуваат идеален инструмент за нивна поделба и слабеење.
Првата цел на Трамп, Универзитетот Колумбија во Њујорк, ги прифати барањата во рок од две недели откако изгуби 400 милиони долари во грантови и договори. Кога принесувањето на првата жртва не ги поврати средствата, универзитетот направи уште една: нејзиниот привремен претседател, Катрина Армстронг. Тоа не го задоволи Трамп, кој сега наводно сака Колумбија да се согласи на директен владин надзор. Трамп, исто така, мавта со финансиски закани на Универзитетот во Пенсилванија, Харвард, Корнел, Браун, Џонс Хопкинс и Нортвестерн – а сепак сè уште нема знаци на организиран отпор од универзитетите. Нема ниту заедничка изјава за одбрана на академската слобода или истакнување на вредноста на универзитетот за општеството. (Дури и луѓето кои немаат видлива корист од хуманистичките науки ја знаат вредноста на медицинските школи и болниците.)
Не би требало да биде толку лесно да се одделат универзитетите еден од друг, но, засега, изгледа дека тоа е полесно отколку да се принудуваат адвокатските канцеларии да се натпреваруваат за работните места и наклонетоста на нашиот самонаречен дон. Ова е можеби затоа што адвокатските канцеларии го дефинираат успехот на начин што е барем маргинално поблиску до нивната идеална функција (помагање за зачувување на владеењето на правото) за разлика од тоа како универзитетите го дефинираат успехот во нивната идеална функција, а тоа е производство и ширење на знаење. Повеќето истакнати американски универзитети, најчесто, го мерат својот успех не толку според степенот до кој нивните професори и дипломци придонесуваат за светот, туку според големината на нивните финансиски донации, бројот на студенти кои чекаат да се запишат и нивното место на рангирањето во медиумите, кои ја проценуваат вредноста на универзитетското образование врз основа на, меѓу другото, почетните плати на дипломираните студенти. Кога станува збор за професорите, универзитетите се натпреваруваат за најдобрите меѓу нив, но сè повеќе за најпознатите имиња, со надеж дека тие ќе привлечат најмногу пари.
Во разговорите со моите колеги, ситуацијата во која се наоѓаат универзитетите ја споредив со дилемата на затворениците, модел на теорија на игри во кој двајца обвинети за кривично дело мора да одлучат дали да дејствуваат сами или да преземат ризик и да дејствуваат заедно. Тоа е добар работен модел за размислување за овој проблем, но не е сосема соодветен. Универзитетите не се соучесници, туку конкуренти. И тие сакаат повеќе од враќање на status quo ante. Тие сакаат раст и може да прифатат финансирање за истражување што ќе им биде одбиено на другите.
Трамп се заканува дека ќе користи различни методи против универзитетот: повлекување на федералната финансиска помош, укинување на акредитацијата, одземање на статусот на непрофитна организација, наметнување данок на донации и спречување пристап на странски студенти. Повладувањето на неговите каприци нема да го смири, како што веќе покажа случајот со Колумбија. Со силеџиско наметнување на својата волја врз мрежата на националните институти за здравје, Националниот фонд за хуманистички науки, Центарот Вилсон, Американскиот институт за мир, Смитсонијан и други институции, оваа администрација покажа дека го смета за безвредно производството на знаење. Во ретките области на истражување каде што претседателот – или можеби Илон Маск – може да види одредена вредност, мафијашката држава во зародиш е речиси сигурно дека ќе ги подели средствата на своите пријатели. Човек се згрозува кога размислува што би требало да направат универзитетите за да се вклопат во таа категорија.
***
Во доцните 1970-ти и во текот на 1980-тите, полските дисиденти ги водеа таканаречениот „летечки универзитет“ во приватни станови низ целата земја. На него предаваа водечки интелектуалци, немаше избор на учесници и немаше школарина. Единствената цел беше знаењето да допре до што повеќе луѓе. Така се изгради единствената посткомунистичка демократија, која сега на избори можеше мирно да ја тргне автократијата од власт. Во текот на 1990-тите, косовските Албанци одговорија на принудното преземање на образованието од страна на српскиот режим со создавање на паралелен подземен училишен систем, од прво одделение на основно училиште до универзитет. Наставата понекогаш се одржуваше зад затворените врати на продавниците. Го запознав Албин Курти, донеодамнешниот премиер на Косово, во 1998 година, кога тој беше студент и активист на таков паралелен универзитет.
Ваквиот радикален пристап секако би имал цена, иако универзитетите најактивно напаѓани од Трамп ги имаат потребните ресурси за тоа. Но, како што ми рече Лајон Ботштајн, претседател на колеџот Бард, „повеќето од најбогатите универзитети ги гледаат нивните донации како нивна примарна безбедност“.
Го поканив Ботштајн затоа што долго време го практикуваше пристапот што јас го застапувам. Во Бард (каде што предавав три години и каде што сè уште соработувам со архивата на опозициските руски медиуми) тие одговараат на секоја криза со изнаоѓање нови начини да подучат што е можно повеќе луѓе. Во изминатиот четврт век, овој колеџ ги едуцира луѓето кои инаку не би имале пристап до универзитетско образование. Има присуство во затворите на државата Њујорк со запишани над 400 студенти, работи во 10 средни училишта во шест градови каде што учениците можат да добијат диплома за средно образование на Бард и води „микроколеџи“ во јавната библиотека во Бруклин, во Харлем и во центар за млади мајки и жени со ниски приходи во Холиок, Масачусетс.
Овие студенти, многу побројни од студентите во главниот кампус на колеџот, имаат бесплатно образование; тие нема да ја зголемат статистиката за заработка на Бард по дипломирањето и веројатно нема да дадат значителни донации на колеџот. Но, интервенцијата на Бардот ги трансформира нивните животи. Многу приватни универзитети имаат проширени програми – неколку од нив одржуваат часови во затвори, како и други проекти во заедницата – но тие имаат тенденција да ги третираат како споредни добротворни активности, а не како составен дел од нивната основна мисија. Бард, од друга страна, е приватен колеџ кој делува како врвен јавен универзитет.
Го прашав Ботштајн како го постигнува сето ова. Ми рече дека „наивно верува“ во добри идеи кои секогаш привлекуваат доволно филантропи. Универзитетот не мора да биде богат, вели тој. Бард со своите донации од 270 милиони долари дефинитивно не е тоа. Според него, универзитетите се „портали на толеранција и израз на основната еднаквост на сите човечки суштества“ и како такви се од суштинско значење за демократијата. Тој самиот е дете на преживеани од холокаустот кои емигрирале во Америка во 1949 година, па затоа е особено чувствителен на антиимигрантската политика на актуелната влада. Три недели по инаугурацијата на Трамп, тој ги повика универзитетите да се обединат пред егзистенцијалната закана од автократско владеење. Тоа беше три недели по првата инаугурација на Трамп.
Значи, ова е мојот радикален предлог за универзитетите: делувајте како универзитети, а не како бизниси. Трошете ги своите фондови. Прифатете повеќе, а не помалку студенти. Отворете ги вашите кампуси и проширете го вашиот досег не со купување недвижен имот, туку со носење образование во заедниците. Изградете база. Станете движење.
Алтернативно, можете да се обидете да преговарате со мафијашки шеф кој сака послушни поданици. Кога тие преговори ќе пропаднат, што неминовно ќе се случи, ќе биде предоцна да се побара поддршка од јавноста.
(Маша Гесен е руско-американска писателка и новинарка. Автор е на единаесет книги меѓу кои и „Да се преживее автократијата“. Текстот е објавен во „Њујорк тајмс“.)