Како Општина Аеродром го згази достоинството на своите жители – за Мицкоски се исчисти цел паркинг

Денеска блесна огромниот паркинг во реонски центар Аеродром од ПСС до „Жито маркетот“. Немаше ѓубре, отстранети беа сите хаварисани возила кои со години се „печеа“ на сонцето. Паркингот свежо измиен за да ги дочека високите гости кои присуствуваа на поставувањето камен-темелник на маркетот „Лидл“.
Ништо немаше да биде чудно, ниту ќе пишувавме за паркингов, покрај толку значајна вест – никнување на уште еден маркет, ако сето ова не беше направено само затоа што таму дојде премиерот Христијан Мицкоски, потоа министерот за транспорт и врски Александар Николоски, в.д. градоначалникот и кандидат за градончалник од ВМРО-ДПМНЕ, Дејан Митески и уште неколку „видни“ луѓе.
Аеродромци се најдоа навредени од ваквата ажурност на општината, па на социјалните медиуми споделија фотографија.
„Денес поради присуството на премиерот Христијан Мицкоски на свеченото отворање на новиот „Лидл“ во Ново Лисиче, Општина Аеродром за да го прикрие срамот кој ние го живееме со години за еден час дојдоа и ги собраа сите хаварисани возила и го изметија целиот паркинг и околината околу градежната парцела.
Ние како граѓани 4 години бараме дислокација на хаварисаните возила, бараме да се собере сметот во овој дел од паркиралиштата, бараме да се реши состојбата со дивите продавачи и Општина Аеродром на сето тоа немаше никаква волја за решение.
Со ова денес Општина Аеродром покажа дека го гази достоинството на граѓанинот од кој црпи средства и функционира, и очигледно приоритет и се поединци и бизнис интереси, а не за граѓаните од кои добива легитимитет“, пишува во Фејсбук групата „Ново Лисиче“.
Во последниот период ова не се случува првпат. Имено, на крајот на јуни, кога министерот за култура Зоран Љутков присуствуваше на презентацијата на мултимедијалниот центар во Ново Лисиче, од спротивната страна на денешниов настан, исто така, беше исчистен паркингот и приодните патеки, кои вообичаено се полни со ѓубре. Иако, мора да се нагласи дека министерот го донесоа со автомобил до скалите, за да не мора да ги исчистат контејнерите, кои редовно се преполни и од кои секогаш нешто истекува, токму на патеката која води преку паркингот.
Жителите на Ново Лисиче постојано апелираат за неодржувањето на околината, но освен кампањски акции за чистење, општината досега не ги слушнала нивните повици за редовно да работи на одржување на паркинзите, зеленилото и чистотата.