Kако навистина изгледа Путиновата „денацификација“ на Украина (ВИДЕО)

Бегајќи од нападот на Русија, рабин ги води децата од еврејската заедница во Одеса низ Карпатите


„Mислеa дека сум чудак“, вели рабинот Рафаел Крускал, потпретседател на еврејската заедница во Одеса, пристанишен град во Украина. Додека многу други во земјата се сомневаа во изгледите за руска инвазија, Крускал – син на преживеан Евреин од Холокаустот – не ги темелеше своите очекувања врз основа на насловите туку од еврејската историја. „Имав залихи на камиони. Имав подготвени генератори. Реков дека ќе има брзање на бензинските пумпи, па затоа имав подготвено бензин за патување“. На крајот му требаше секој галон.

Надевајќи се дека ќе се пријавам на неговото патување, му испратив порака на Крушкал минатата ноќ, претпоставувајќи дека спие и ќе ја види наутро. Наместо тоа, тој веднаш напиша. Беше 4 часот наутро, а тој сè уште беше на работа. 

Крускал ја надгледува „Тиква Одеса“, мрежа на еврејски училишта, сиропиталишта и програми за грижа за заедницата која опфаќа околу 1.000 луѓе. Кога руските бомби почнаа да паѓаат минатиот четврток навечер, а едната експлодираше во близина на домот на девојчињата на „Тиква“, Крускал и неговиот тим одлучија дека е време да заминат.  До 10.30 часот, тој и неговиот персонал беа на пат со стотици сирачиња, упатувајќи се кон однапред договореното засолниште надвор од Карпатите. Други од нивната заедница се упатија кон границата и преминаа во Молдавија.

„Имаше луѓе во Втората светска војна кои не веруваа, а тие и нивните заедници беа избришани“, рече тој. „Ние претпочитаме да бидеме претпазливи и да се погрижиме нашите заедници да се безбедни“.

Пред да тргне конвојот, Крускал објави кратка видео снимка од евакуираната централна синагога во Одеса, а гласот му потрепери додека ги замоли оние што гледаат да се молат за нив.


Религиозните Евреи како Крускал и децата под негова грижа обично не патуваат и не користат електрична енергија од зајдисонце во петок до сабота навечер, во почитување на еврејската сабота. Но, еврејскиот закон дозволува прекршување на саботата заради  зачувување на човечкиот живот. И така, заедницата возеше на Шабат, застанувајќи на бензинска пумпа за да направи кидуш, традиционалниот благослов над виното.

„Никогаш не очекувате да застанете пред стотици луѓе под ваша грижа среде ладна бензинска пумпа во Украина и да им правите кидуш, а тие да плачат“, рече Крускал. „Беше многу поразително“.

На Твитер во петокот наутро, очекувајќи ја тешката сабота што претстои, Крускал напиша на хебрејски: „Вечерва, многу Евреи од Одеса ќе мора да бидат на пат за да се евакуираат на побезбедно место. Ги молам нашите браќа во Израел да ни го чуваат овој Шабат“. Тоа беше тешко патување.

„На секои 70 милји застанувавме за да видиме кои патишта ги минираат Украинците за руските тенкови да не можат да напредуваат, а кои патишта ги бомбардираат Русите, каде е помалку безбедно да се оди“, се сеќава Крускал.

На првиот автобус му требаа 27 часа за да пристигне до својата дестинација, кампот веднаш зад планините. Последниот автобус пристигна по 33 часа. Бидејќи прифатилиштето не беше сигурно дали ќе дојдат еврејските деца, веќе им даде 90 места на други бегалци. Крускал набавил душеци за децата, а тој и уште еден вработен ноќта спиеле во амбулантата. Сега ги гледа децата како се прилагодуваат на нивната околина.

„Бев среќен кога околу два часа откако пристигнав – бев скршен, цело време зборував на телефон – две момчиња дојдоа кај мене и ми рекоа: Мислите ли дека можете да побарате од сопственикот да ги отвори фудбалските терени? Колку и да беа трауматизирани, барем кажуваа нормални работи“.

Но, тој исто така видел како стравот демне недалеку под површината. По првата ноќ во медицинското крило, Крускал требаше да најде ново место за спиење, и набрзина наиде на вознемирени деца кои прашуваа зошто си заминува. Тој ги увери дека е тука.

„Тука секако има многу трауми, многу неизвесност“, рече тој. „Луѓето не знаат што се случува“.

Иако речиси и не го покажува тоа, евакуацијата беше тешка и за самиот Крускал, кој пристигна во Одеса во 1999 година на покана на еврејската заедница. Одеса некогаш била лулка на еврејската цивилизација – дом на третото по големина еврејско население во светот и жариште на еврејскиот политички активизам и литературен живот. Во својот врв, градот бил половина еврејски. Но, по погромите, холокаустот и чистките на Сталин, тој процент падна на само 6 проценти. Крускал потроши 22 години за да го изгради. И, одеднаш, тој го остави зад себе во неизвесна иднина.

Во исто време главниот рабин на Украинската еврејска заедница Моше Азман преку видео што го објавија сите израелски медиуми  упати жестока осуда до рускиот народ, особено руските Евреи, затоа што стојат со скрстени раце додека Москва ја напаѓа Украина.

„Запомнете, тој што не се грижи и кој тивко се согласува, тој е соучесник во кривично дело. Воено злосторство! Злосторство против човештвото!“ вели  Азман во видеото. Тој е  роден во Сент Петербург и зборува на руски.

„Никогаш не помислив, дури и во мојот најлош кошмар, дека можеби ќе треба да загинам од ракетирања на Русија, каде што сум роден, каде што одев на училиште, каде што имам многу пријатели, кои молчат. Во суштина никој не се јавил и не прашал. Се јавуваат луѓе од целиот свет. Од целиот свет. Евреи и не-Евреи. Дури и Арапите ми се јавуваат од Израел и ме поддржуваат “, вели тој.

Азман ја обвини руската војска за неселективно бомбардирање на Украина со помош на ракети ГРАД, спротивставувајќи се на  употребата на зборовите „ракети со висока прецизност“ за, „не дај Боже, да се повреди мирното население“.

„ Погледнете ги видеата. Можеби ова не ви е прикажано. Пукаат со ГРАД. А тоа  не е оружје со висока прецизност. ГРАД-ови, тенкови, балистички ракети, авиони… Што се случува? Војна. Војна! Војна!“ тој вели.

Држејќи свиток од Тора, Азман вели дека ги „проколнува“ оние кои се „тивки соучесници во ова ужасно злосторство“.