Како Катар ја искористи „меката моќ“ да го добие Мундијалот

Легитимно е да се прашуваме како земја со големина како половина Македонија може да биде домаќин на еден од најголемите спортски настани во светот


Светското првенство во Фудбал во Катар, популарниот Мундијал заврши. Меси и Мбапе, Аргентина и Франција, Хрватска и Мароко се искачија до врвовите на Олимп. Речиси еден месец уживавме во магијата на овој спорт. Меѓутоа зад нашата фудбалска пасија и емоции, зад фудбалската религија, постои цела Али Бабина пештера  исполнета со бројни волтеровски тајни, пароксизми, хиерархиски подредувања, трагични жртви, спкриени бројки, ароми на корупција, геополитички ефекти.

За аналитичарите од овој домен се поставува единственото прашање: Дали преку фудбалот може да се перцепира светот? Светското првенство во 2022 година во секој случај на глобалната сцена е репрезент на состојбата во Катар. Емиратот беше наречен  „Земјата на суперлативите“  која инвестираше во најскапиот фудбалски пехар во историјата, со проценет износ од над 220 милијарди долари во 2022 година. При тоа Емиратот си постави двојна цел: да го зголеми дипломатското влијание како вид Soft power policy и да го поттикне нејзиниот економски развој.

Уште на 2 декември 2010 година, светот на фудбалот беше изненаден од матните зделки и канали преку кои Катар ја избоксува организацоијата на Мундијалот за 2022. Навистина, Катар беше назначен од страна на  ФИФА (Меѓународната фудбалска федерација) да биде домаќин на Светското првенство во 2022 година, најголемиот и најпривлечниот спортски настан на планетата. Оваа одлука делуваше како шок, бидејќи Мундијалот им бил ветен на Соединетите Држави кои веќе неколку години се обидуваат да станат фудбалска сила. Во тоа време, Катар, кој независноста ја стекна  дури во 1971 година, беше релативно анонимен субјект на меѓународната сцена и во сенката на останатите соседи од Заливот. За да го избори овој недостаток  на меѓународната сцена, Катар реши да се потпре врз спортот. Слично на неговите соседи, Катар е богата држава со фосилни горива и ги поседува едни од најголемите резерви на природен гас во светот. Малата држава која е голема колку половина С. Македонија ангажира неограничени финансиски средства ставени во служба на меѓународното влијание, лобирање и политика на „меката моќ“ за да ја добие организацијата на Мундијалот.

Среде економска и финансиска криза, Емиратот знаеше како да игра со својот шарм за да ја привлече поддршка на европските држави. Тогашниот француски претседател Никола Саркози му даде најзначајна поддршка на Катар со организирање на средбата меѓу емирот на Катар и Мишел Платини, тогашен претседател на УЕФА (Европската фудбалска федерација). Со обезбедувањето на поддршката од страна на претседателот на УЕФА, Катар направи голем чекор кон организацијата на Светското првенство. Отогаш почна да лебди сенката која ги надополни бројните сомнежи за корупција кои висат над одлуката за доделувањето на Светското првенство на Катар. Во 2020 година, американското министерство за правда отвори истрага против неколку членови на Извршниот комитет на ФИФА (одговорни за гласање за доделување на Светското првенство). Истрага беше отворена и во Франција во 2019  од страна на Националното финансиско обвинителство. Во исто време, Катар отпочна со реализација на големите инвестициски планови во Франција наменети за јакнење на француската економија.

Десет години подоцна, Франција го удвои својот извоз во Катар и стана втората европска земја која концентрира најобемни катарски инвестиции. Катарскиот бизнис го презеде  и фудбалскиот клуб  „Парис Сен Жермен“ реализирајки огромни инвестиции во купувањето големи светски фудбалски имиња. Напoредно беше иницирана и стратегија во доменот на комуникациите со доаѓањето на катарскиот канал Bein Sports на пазарот за телевизиски права, инаку спортски огранок на Ал Џезира.

Најважната споредна работа на светот под истрага

Зголемената популарност на фудбалот во 20. век, влијаеше оваа игра да стане повеќе од спорт. Фудбалска игра е вообичаено да се користи за стимулирање на економскиот раст на градовите или државите, за подобрување на односите со државите или за зголемување на влијанието врз некои од нив. Фудбалот дури служеше за решавање на вооружен конфликт, кога во 2006 година завојуваните фракции во Брегот на Слоновата Коска одржаа мировни разговори по првиот квалификациски натпревар за Светското првенство во ФИФА во земјата. Иако ова беше екстремен пример, сепак настанот покажа дека фудбалот може да ја обликува модерната геополитика.

Успешната кандидатура на Катар за добивање на Светското првенство во фудбал во 2022 година, подотвори извесни димензии за суптилноста и динамиката на  функционирање на лобирањето? Легитимно е да се прашуваме како земја со големина како половина Македонија може да биде домаќин на еден од најголемите спортски настани во светот. Слично на тоа, со оглед на вкупната цена на оваа организација, како и контроверзите што ги предизвикува, многумина се прашуваат зошто Катарците толку сакале да бидат домаќини на светот.

Истрага во Европскиот парламент за корупција за наводна корист на Катар ги потресе и европските институции. Огромна истрага за корупција за наводна корист на Катар беше покрената од белгиската полиција и транзитира низ Европскиот парламент уште на 9 декември 2022 година. Истрагата беше спектакуларна со бројни  апсења, особено на високи функционери вклучувајки ја и Ева Каили, тогашна потпретседателка на Европскиот парламент. Иако на 12 декември 2022 година, белгиските обвинители не ја именуваа „земјата од Заливот“ осомничена дека стои зад овој обид за корупција, се чини дека токму Катар е цитиран во овој случај.

Амбасадата на Катар во Европската унија одговори официјално во соопштението на 11 декември 2022 година со следниот коментар: „Државата Катар категорично отфрла секој обид да се прикачи на обвиненијата за недолично однесување. Секое поврзување на катарската влада со пријавените наводи се неосновани и грубо дезинформирани“. Додека Брисел е потресен од овие невидени обвинувања дека Катар подмитувал сегашни и поранешни функционери на Европскиот парламент за да влијае врз одлуките на највисоко ниво, истрагата ги стави во преден план наводите за корупција на функционери од страна на Катар, кои веќе се широко објавени во контекст на распределбата на правата за домаќин на Светското првенство во 2022 година од страна на ФИФА. Истражувањето ги доведе во прашање и практиките на лобирање на Катар иако тогаш Светското првенство влезе во последната натпреварувачка недела.

Иако епилогот на овој настан беше малку побрутална операција на заведување, сепак настаните околу лобирањето за организирање на Мундијалот не е нешто ново во светот на фудбалот. Да се потсетиме дека Франција, Германија и Јужна Африка беа обвинети дека прибегнале кон корупција за да обезбедат организација на светските првенства, во 1998, 2006 и 2010 година. Сепак, ситуациите се многу различни. Катар никогаш не учествувал на Светско првенство и никогаш немал некаков успех на некој  фудбалски или друг спортски настап или натпревар. Пред сè, населението нема вистински интерес за фудбалот и организацијата на Светското првенство е дел од чисто политичката желба да се развие катарската мека моќ.

Патем, неопходно е да се разбере дека Катар не е авторитарна држава како другите, а аналитичарите сметаат дека емиратот е поблиску до феудална држава. Власта е концентрирани во рацете на владетелот, емирот Тамим бин Хамад ал Тани. Во државата  постои длабока поделба меѓу катарските граѓани (околу 330.000) и населението (2,9 милиони) што живее во Катар. Додека граѓаните живеат во раскошот поради продажбата за гасот, остатокот од населението – главно работници имигранти – практично не ужива никакви права.

Загинале 6.500 работници во изградбата на стадионите

Системот на традиционалното право, за кој Катар вели дека го укинал од 2020 година сѐ уште се практикува. Ако според законот, Кафала повеќе не постои, системот останува на сила во секојдневниот живот. Според приватната истрага на  новинарот Квентин Милер изнесени во колумната „Робовите на нафтениот човек“, Катар ги умножил фасадните реформи без и најмалку да придонесе во ефективен пристап до правдата за работниците-имигранти. Милер пишува дека „тие често биле лишени од слободи, работеле во  нечовечки услови“. Според британскиот весник „Гардијан“  проценките нса бројката на загинати на градилиштата на Светското првенство достигнал 6.500 работници. „Гардијан“ истакнува дека е сокриена и бројка на болните заразени заради нехигиенските средини за живеење.

Работниците, кои живеат во кампови подалеку од градовите сместени се во нехигиенски студентски домови, пијат десалинирана вода што предизвикува големи проблеми со бубрезите и работат без реални временски ограничувања при екстремна топлина. Општо земено, човековите права не се признати во овој емират од Персискиот Залив. Жените и ЛГБТ луѓето се соочуваат со значителна дискриминација. Сексуалните односи меѓу лица од ист пол се казнуваат со затвор до седум години.

Како пионер на инвестициите во спортот на Блискиот Исток, Катар уште во 1990-тите настојува да се пробие меѓу државите организатори на големи спортски настани. Се смета дека таквата инвестиција во спортот може да се анализира како одговор на три потреби: меѓународно признавање на земјата, особено за да се обезбеди нејзината безбедност, конкуренција со други држави кои користат слични практики, особено Обединетите Арапски Емирати и Саудиска Арабија (но тоа не е ограничено само на спортот) и, конечно, економскиот развој. Во оваа смисла, употребата на спортот како алатка за препознавање е евидентна, па затоа и видливост, потоа како алатка за економски развој и влијание е централно стратешко место  на катарската политика.  Политиката на мека моќ, преку користење на спортот е присутна и во соседните држави на Катар, но ниту една не е толку проактивна во овој сектор како Доха. За да ја достигне целта, емиратот се обложи со самиот себе. Стратегијата на Катар  се потпираше главно на три оски, од кои две беа најефективни: организација на меѓународни спортски настани, учество на меѓународни натпревари на катарски спортисти (вклучувајќи натурализирани спортисти) и спонзорство за спортот. За Катар, спортот, геополитиката и геоекономијата одат рака под рака веќе триесет години. Тоа е она што го наведе малиот емират Катар да ја оствари целта да биде домаќин на Светското првенство во 2022 година.

(Нано Ружин е професор и поранешен амбасадор)