Како италијанската вечер во Скопје се распродаде за два дена – гурманска магија, мода и канцони

Мод мотото: „Традиција и иновации“ вкусните италијански специјалитети ги приготвуваа двајцата реномирани готвачи Џовани Маскари и Иван Паломби


Отмена од почеток до крај беше синоќа Италијанската вечер со пет ѕвездички, во центарот на Скопје- Limak Skopje Luxury Hotel , во серијата специјални настани за претставување на различни национални кујни за која владееше најмногу интерес.  

Дотераните и воздржани гости, од сите сфери на живеење, беа пречекувани со коктел со аперол, и од италијанскиот амбасадор во земјата, Андреа Силвестри, а љубезните хостеси и келнери ги сместуваа на масите декорирани со италијански симболи и информации за Италија. 

Дали знаевте дека Италија- центар на модата , со една од омилените кујни во светот, е петта најпосетувана земја во светот, дека туристите секоја година фрлаат милион евра во фонтаната Треви, дека има најмногу места на листата на светското наследство на УНЕСКО во светот, дека сите три активни вулкани во Европа се во Италија и дека 13 од 38 драми на Шекспир се сместени во Италија? 

Limak Skopje Luxury Hotel беше домаќин на шестата  тематска вечер, дел од Неделата на италијанска кујна, а ја сочинуваа автентичните вкусови на италијанската кујна, на врвно избраното мени на кое  доминираше пица, паста, различни видови на сирења, пршута и славниот десерт-тирамису.

Свечена нота на вечерта му даде и вдахновеното обраќање на елегантниот италијански амбасадор Силвестри – делумно и на македонски јазик, што измами аплауз меѓу гостите, меѓу нив и министерката за животна средина Каја Шукова и амбасадори во МНР. 

 

Зошто Италијанската вечер беше гурманска магија? 

 

Мод мотото: „Традиција и иновации“ вкусните италијански специјалитети ги приготвуваа двајцата реномирани готвачи Џовани Маскари и Иван Паломби, а менито вклучуваше пршута и пециво – предјадење типично за областа Емилија Ромања – која  важи за гурмански центар, каде се вкрстуваат различните варијации на италијанската кујна, потоа  рижото со вргањ, два вида пица и тирамису за десерт.

Се служеше италијанско бело и црвено вино, но и италијанско пиво, додека автентичноста на Италијанската вечер беше заокружена со италијански канцони.

Џовани Маскари е шеф со долгогодишно искуство, познат по својата суши пица и популарноста на социјалните мрежи. Неговиот профил на Инстаграм има речиси 1 милион следбеници. Иван Паломби во текот на студиите се посветил на откривање на различните јадења со ориз, а за време на неговата кариера соработувал со врвни италијански готвачи.

Во текот на вечерта за комфорот на гостите се погрижи Jелена Костадиновиќ, директор за продажба и маркетинг во луксузниот хотел. (Л.С.)