Како грчката вечер во Скопје се претвори во грчка свадба-  гозба, сиртаки и кршење чинии


Почна со узо со коцки мраз, а заврши со жешко сиртаки и бучно со кршење чинии на Грчката вечер со пет ѕвездички, викендов, во центарот на Скопје- Limak Skopje Luxury Hotel , во серијата специјални настани за претставување на различни национални кујни.

Дотераните и весели гости, со насмевка ги пречекуваше Jелена Костадиновиќ, директор за продажба и маркетинг, а љубезните хостеси и келнери ги сместуваа на масите декорирани со грчки симболи и информации за Грција. Дали знаевте дека оваа соседна земја , со една од омилените медитерански кујни и колевка на демократијата, има 6 илјади острови, 16 илјади километри покрај море, и 18 градови прогласени за светско наследство од УНЕСКО?

Limak Skopje Luxury Hotel беше домаќин на петтата тематска вечер која ја сочинуваат разновидни вкусови и мириси, поради влијанијата на различни народи и култури, на врвно избраното мени на кое  доминираше мезето, морските плодови и парените десерти.

Еден од најкарактеристичните елементи на грчката кујна е маслиновото масло, кое се употребува во најголем дел од приготвените јадења. Специфичниот вкус на грчките јадења се должи на употребата на одредени зачини, како оригано, нане, копар, ким и ловор.

Менито подготвено од искусниот тим на готвачи на хотелот ги вклучуваше познатите грчка салата, ѕаѕики, тарама, салата од морски плодови, како и саганаки, каламари, сармички од лозов лист, папуцаки, вртена пита и халуми сирење печено во кора. Во рамки на главните јадења што беа понудени како дел од шведската маса се најдоа мусаката, ќофтиња во сос од домати, суфлаки и гиро, а изборот на десерти го сочинуваа грчка баклава, парена торта и колачиња со шербет.

Настапот на „Бузуки бенд“ со целокупното искуство со репертоар на најпознатите грчки традиционални и поп песни беше врв на вечерта. Сите се прашуваа дали пејачите се наши или Грци? Фалеше само поглед на море, но гостите уживаа во погледот на Скопје од петтиот кат на ресторанот Clover на луксузниот хотел. (Л.С.)