Како да го заштитите менталното здравје од вознемирувачки воени вести и слики
Луѓе кои плачат над мртвите членови на семејството, стојат облеани во крв покрај уништените домови или бегаат од воени конфликти во паника и гнев. Малкумина можат да ги избегнат или игнорираат дневните мрачни извештаи и ужасните слики од војната во Украина или конфликтот меѓу Израел и Хамас на телевизија, а особено на социјалните мрежи.
Сите овие слики можат да остават трага на вашата психа, „затоа, од психолошка гледна точка, треба да се обидете да „паузирате“ и барем делумно да не ги следите, особено кога станува збор за моќни снимки или фотографии“, советува Натали Крахе. , член на Професионалното здружение на германски психолози (ГДП).
За да го заштитите вашето ментално здравје, треба да научите како да се справувате со вознемирувачката содржина за војните што ги читате, слушате или гледате на ТВ или портали секој ден.
„Doomscrolling“
Најчесто кога поединецот ќе види објава со застрашувачки и вознемирувачки слики, тој продолжува да бара дополнителни информации, статии или објави. Тоа е неверојатно и нелогично, но тој бара потврда преку дополнителни слики и информации. Ова бескрајно „конзумирање“ на негативни вести на интернет е познато како „doomscrolling“.
Крахе предлага три решенија. Првото е – обидете се да се воздржите од гледање фотографии и видеа. За доброто на вашето ментално здравје, не треба да барате дополнителни вознемирувачки содржини, фотографии или видеа објавени на социјалните мрежи, бидејќи тие имаат посилно емоционално влијание врз психата отколку пишаните информации.
Ако мислите дека ваквите фотографии премногу ве вознемируваат, подобро е да прибегнете кон помалку графички медиуми. Понекогаш менталните слики се доволни – не ви требаат вистински. За да ја вратите сопствената емоционална рамнотежа, обидете се да се префрлите на медиуми што немаат слики или фотографии, како што се подкасти или радио.
Друго решение што Крахе го предлага е дружењето со блиските луѓе, бидејќи тоа ќе ви овозможи психички да се ослободите, да ги споделите вашите емоции и да дознаете како другите околу вас се справуваат со ужасите со кои се среќаваат во вестите секој ден.
Трето решение е да се испитаат мотивите на луѓето кои објавуваат вознемирувачка содржина.
Доколку следите одредени групи на социјалните мрежи, секогаш треба да се запрашате чиј интерес е објавувањето на одредени слики и фотографии. Дали сакате да поддржите такво нешто? Доколку одговорот е негативен, не треба понатаму да споделувате таква содржина.
Но, тоа не значи дека треба целосно да престанете да ги следите дневните вести и информации. На крајот на денот, тие се важни бидејќи придонесуваат за формирање на вашите ставови и мислења.
Непомирливи гледишта
Понекогаш ставовите на различни луѓе се непомирливи. Но, што треба да направите ако тоа се случи во вашето семејство, во односот со партнерот, во кругот на пријатели или колеги?
Крахе нѐ потсетува дека тоа е нешто што го знаевме претходно – од врвот на пандемијата на корона вирус.
Тогаш некои беа за вакцинација, други сметаа дека вакцината е опасна и непотребна, но сега, според Крахе, во игра е поинаква динамика. Одредени преференци и интереси нè поврзуваа со другите луѓе уште пред да развиеме став за актуелните воени конфликти.
И во овој случај таа предлага три можни решенија.
Прво: ако не можете да постигнете барем слична гледна точка за војната во Украина и/или меѓу Израел и Хамас, обидете се да се држите до темите што ќе бидат помалку раздвојувачки меѓу вас – се додека тоа му одговара на вашиот соговорник.
Второ: критичкото испитување на вашите ставови може да резултира со сличен став. Бројните разлики во мислењата остануваат во ќорсокак помалку поради содржината, отколку поради неподготвеноста на двајцата соговорници да признаат дека згрешиле.
Можете да го прашате другиот на што ги заснова своите ставови и како дошол до нив. Запрашајте се истото.
Трето: треба да се размисли дали работите кои не се поврзани со актуелната тема поттикнуваат меѓусебно несогласување. Можеби сте под голем стрес поради семејна или работна ситуација, поради што ја отворате сопствената латентна фрустрација со тоа што со особена жестокост ќе го искажете вашиот став за оваа или онаа војна кога ќе започнете разговор на оваа тема.
Како да се смират страстите за спротивставените гледишта?
Ако спротивставените ставови за војната на Блискиот Исток или Источна Европа ескалираат во жестоки дебати, кој е најдобриот начин за смирување на страстите?
Тука нема златно правило. Ако постојано не успевате да најдете заеднички јазик, можете да се согласите дека не се согласувате и да го завршите разговорот на контроверзната тема. Можете да му кажете на вашиот соговорник дека сте „победени од емоции“ и да предложите „да се повлечат сите изговорени навреди“.
И конечно, потсетува Крахе, треба да се разбере дека е незрело да се нарече некого глупав само затоа што неговите ставови за нешто се разликуваат од твоите.
Ставот дека „мора да си во право“ ја спречува толеранцијата кога има спротивставени гледишта.