Како да ги промениме навиките за поефикасно користење на енергијата


Денеска, Хабитат Македонија заедно со општина Карпош го обележа Светскиот ден на домувањето со отворен едукативен и информативен настан, на кој беа претставени можностите за унапредување на енергетската ефикасност во станбените згради преку преземање на мерки за реновирање на одделните делови на зградата, поставување изолација, достапни модели за финансирање, како и мерки за промена на однесувањето за поефикасно користење на енергијата.

Беа претставени и резултатите од истражувањето за увидување на влијанието на социо-економските параметри на домаќинствата врз потрошувачката на електрична енергија и подготвеноста за инвестирање во мерки за подобрување на енергетската ефикасност. Беа посочени примерите на четири висококатници во општина Карпош, изградени во период меѓу 1965 и 1980 година за кои беа изработени мерките кои може да се преземат и колкави заштеди на енергија би оствариле. Настанот беше организиран во соработка со општина Карпош како дел од проектот CоmAct – Активности за намалување на енергетската сиромаштија во станбени згради, финансиран преку програмата на Европската Комисија „Хоризонт 2020“.

„Подобрувањето на енергетската ефикасност во градовите и станбените згради претставува посебен предизвик, што е особено изразено во постојните големи префабрикувани станбени згради, кои денес не само што имаат последици од лошиот квалитет на конструкцијата, туку се под силно влијание на нередовното одржување и реновирање. Темата на овогодинешниот Светски ден на домувањето е „Внимавајте на разликите. Не оставајте никого и ниту едно место да заостане.“ што целосно ги отсликува заложбите на Хабитат Македонија за унапредување на енергетската ефикасност и надминување на проблемите со енергетската сиромаштија кај домаќинствата со ниски приходи, особено на оние кои живеат во станбени згради“,  изјави Лилјана Алчева, Заменик директор за програма на Хабитат Македонија.

Хабитат Македонија повеќе од една деценија работи на прашањето на подобрување на енергетската ефикасност во домувањето преку обезбедување на управување и финансиска поддршка за намалување на губитокот на енергијата преку енергетска реконструкција на фасадите, промена на надворешните прозорци и врати и/или санација на покривите. Особено е важно во овој контекст да се спомене учеството на Хабитат Македонија во обезбедување на финансиски модели за да им овозможи на граѓаните и заедниците на станари во станбените згради да можат ја подобрат својата енергетска ефикасност, како и соработка со општините за обезбедување на субвенции.

Хабитат Македонија интензивно работи и на унапредување и заживување на Законот за домување и комплетирање на законската рамка, како и за воспоставување отворен дијалог за подобрување на квалитетот на домувањето во Македонија. Организацијата работи интензивно и на едукација и информирање на домаќинствата во насока на заштеда на енергија и унапредување на енергетската ефикасност, и неодамна го промовираше Ресурсниот центар за енергетска ефикасност во домувањето достапен на веб страницата domuvanje.org.mk.