Како британската брза железница стана пруга за никаде?
ЛОНДОН – „Ако сакате да се вклучите во револуцијата со голема брзина, треба да започнете да планирате сега“.
Ова беа зборовите на поранешниот британски премиер Дејвид Камерон во 2013 година кога ја објави рутата за првата брза железничка мрежа во Британија, позната како HS2, најсовремена железничка линија вредна 37 милијарди фунти што минува низ срцето на земјата. Десет години подоцна, британската „револуција“ со голема брзина е во застој.
Со веќе потрошени милијарди фунти, ветувањето за брза железница што ќе го поврзува центарот на Лондон со северните градови Манчестер и Лидс изгледа осудено на пропаст, бидејќи владата на Обединетото Кралство се подготвува за второ намалување на проектите за исто толку години. Поради зголемувањето на трошоците, изгледа малку веројатно дека брзиот воз сега ќе стигне до Манчестер, Лидс – па дури и до центарот на Лондон – воопшто. Проектот стана огромен срам за нацијата која некогаш се гордееше како светски пионер во железницата. Во тек е големо истражување за способноста на Британија да испорача големи инфраструктурни проекти навреме и со буџет.
„Ужасно лошо се менаџира“, рече оваа недела Вилијам Хејг, поранешен лидер на ториевците и министер за надворешни работи на Обединетото Кралство под Камерон. „Национална срамота“.
Со најлош можен тајминг, извештаите за најновите намалувања на проектот HS2 се појавија токму кога конзервативците се подготвуваа да се упатат во Манчестер на нивната годишна партиска конференција овој викенд. Фарсично, веста протече кога владин функционер беше фотографиран како се упатува кон Даунинг стрит бр. 10 со приказ на документи. Сега се очекуваат протести во Манчестер овој викенд, каде што градоначалникот од лабуристите Енди Барнам е гневен поради скратувањето на проектот што требаше да ја симболизира посветеноста на конзервативната влада за рамномерно реализирање на инвестиции во англиските региони. Даунинг стрит го одложи официјалното објавување додека конференцијата не заврши.

И покрај бучните обвинувања, Риши Сунак ќе се обиде да придобие пофалби за неговата одлука, прикажувајќи се себеси како лидер кој е подготвен да се соочи со проблемите што другите политичари се обиделе да ги игнорираат. Но, очигледна е подлабоката „болест“ – тешката британска бирократија и ставот „не-во мојот двор“ кон развојот, поради кој многу пратеници стравуваат дека се случува невозможно развлекување на големите инфраструктурни проекти.
Одложувањата и спиралните трошоци го мачат HS2 уште откако Дејвид Камерон и неговата десна рака Џорџ Озборн го искористија својот ран политички капитал за да го приземјат проектот. Трошоците брзо се зголемија од 37 милијарди фунти на 50 милијарди фунти – и сега се вели дека се поблиску до границата од 80-100 милијарди фунти.Во 2021 година, Борис Џонсон го откажа источниот правец на линијата, што требаше да ги носи патниците во Лидс и Шефилд, во обид да го заврши остатокот.Последната рунда кратења се очекува да го укине или одложи западниот крак на линијата – од Бирмингем до Манчестер – исто така.
Како надополнување, јужниот крак на линијата што води кон Лондон сега може да заврши во Old Oak Common – железничко складиште во предградие на северозападен Лондон, 10 километри од центарот на градот. Од патниците од Бирмингем се очекува да се симнат и да се качат на побавни локални транспортни сретства за да го завршат нивното патување.Резултатот може да биде, како што рече Пол Џонсон од институтот за фискални студии, нова железница „скапа десетици милијарди, што ќе ве однесе од Бирмингем до центарот на Лондон помалку брзо отколку што можете да направите во моментот. “
„Завршувањето на линијата кај Old Oak Common е речиси дефиниција за железница до никаде“, изјави висок владин функционер за „Тајмс“. Додека Сунак го вперува прстот кон високо платените директори на HS2 кои заработија стотици илјади фунти во плати и бонуси иако пропадна проектот, сагата навестува подлабоки проблеми околу начинот на кој работите се градат во Обединетото Кралство.Се зголемува чувството на очај за состојбата со јавните услуги и за инфраструктурата во Британија, што само расте кога ќе се направи споредба со блиските соседи.
Сем Думитриу од групата за кампањи за раст Britain Remade откри дека дури и ако првичната проценка на цената на HS2 беше точна, таа ќе беше повеќе од двојно поголема од цената по километар за брзата врска помеѓу Неапол и Бари во јужна Италија и 3,7 пати поскапа од брзата врска во Франција меѓу Тур и Бордо. А, сите такви иницијативи не поминуваат без проблеми ниту на континентот, се разбира. Брзата пруга меѓу Лион и Торино и тунелот меѓу Германија и Данска беа предмет на политички расправии – иако и двата случаи имаа дополнителна компликација поради преминувањето на националните граници.
Процесот на планирање за HS2 се покажа особено напорен поради локалното противење долж трасата на пругата, која требаше да помине низ некои од најживописните села во јужна Англија. Гласните ториевски пратеници кои ги претставуваат погодените изборни единици успешно лобираа за многу повеќе милји скапи тунели отколку што беше планирано.
Сунак се надева дека ќе избегне изневерувањето на очекувањата на северот преку надградба на локалните транспортни услуги, иако некои се скептични за тоа колку ќе биде успешно ова без дополнителната брзина и капацитет што ги нуди HS2. Тој – како и претходните конзервативни премиери – зборуваше за ремонт на системот за планирање, иако безброј претходни напори паднаа во вода поради противењето на ториевците кои се плашеа од влијанието врз нивните локални области. Засега се чини дека секој нов потфат ќе треба да почека до следните избори.
Лабуристите во меѓувреме не сакаат да се посветат на HS2 пред да бидат објавени најновите официјални проценки за трошоците. Партијата вети плански реформи како дел од своите „пет мисии за раст“, но деталите остануваат нејасни. (Политико)