Како беше грабната опозиционерката Марија Колесникова


Марија Колесникова остана единствена од главните опозициски фигури во Белорусија пред да биде уапсена

Не исчезна само Колесникова, туку уште тројца други членови на Координативниот совет на опозицијата и нејзиниот прес-тим

 

Неидентификувани маскирани мажи ја грабнаа водечката белоруска опозициска фигура Марија Колесникова од улица во центарот на главниот град Минск во понеделникот и ја втурнаа во мини возило, изјавија очевидци за локалните медиуми.

Колесникова беше една од партнерките во кампањата на опозициската кандидатка Светлана Тихановска, која тврди дека извојувала победа против долгогодишниот претседател Александар Лукашенко на спорните избори на 9 август.

Колесникова, наводно, била грабната набргу по 10 часот по локално време додека одела близу до националниот музеј на уметност во Минск. Тројца други членови на опозицискиот Координативен совет исто така исчезнаа, во, како што се чини, насочен обид на властите да го избришат протестното движење.

Колесникова е најистакната политичка фигура која сè уште е во Белорусија.

Победата на Лукашенко – на изборите кои нашироко се сметаат за наместени – предизвика масовни протести. Во неделата повеќе од 100.000 луѓе маршираа кон резиденцијата на претседателот, повикувајќи го да поднесе оставка. Полицијата за немири, облечена во фантомки, уапси 633 лица. Банди провладини насилници ги тепаа демонстрантите на пат кон дома.

Нејасно е кој ја киднапирал Коселникова. Нејзините колеги од Координативниот совет кои исчезнаа се Антон Родненков, Иван Кравцов и Максим Богрецов. Го нема и нејзиниот прес-тим.

Зборувајќи за локалната веб-страница за вести Tut.by, една жена идентификувана како Анастасија рече дека ја забележала Колесникова на улица. Таа рече дека сакала да ѝ се приближи и да ѝ се заблагодари за нејзината работа, но се предомислила, мислејќи дека Колесникова изгледа исцрпено.

Таа рече: „Тогаш забележав темен миниван со слоганот ‘Свјаз’ на страната паркиран недалеку од музејот. Поминав, а потоа слушнав звук на паѓање телефон на асфалтот. Се свртев и видов луѓе во цивилна облека и маски како ја влечат Марија во комбето. Телефонот излета од нејзината рака. Еден од нив го зеде, скокна во комбето и се оддалечија“.

Нејзиниот телефон не одговори, објави Tut.by.

Портпаролот на Колесникова, Родненков, го потврди нејзиното киднапирање, но и тој исчезна околу 40 минути подоцна, објавија медиумите. Сојузниците на Колесникова рекоа дека го проверуваат извештајот за нејзиниот притвор. Руската новинска агенција Интерфакс ја цитираше полицијата во Минск дека тие не ја привеле.

Пред изборите, Колесникова ги здружи силите со опозицискиот кандидат за претседател Тихановска, која подоцна избега во Литванија и со Вероника Цепкало, која исто така ја напушти земјата. Друга водечка активистка, Олга Ковалкова, пристигна во Полска во саботата, велејќи дека ѝ било кажано дека ќе се соочи со апсење доколку остане во Белорусија.

Високи белоруски опозициски фигури ја обвинија ЕУ дека не реагирала на бруталната акција на Лукашенко врз мирните демонстранти. Андреј Саников, кој застана против Лукашанко на претседателските избори во 2010 година, а потоа беше и во затвор, рече дека итно се потребни санкции.

Претходно во понеделникот, податоците на централната банка покажаа дека Белорусија потроши речиси една шестина од своите златни и девизни резерви, или 1,4 милијарди американски долари во август, додека се бореше за поддршка на својата валута рубља за време на бранот немири.

Колесникова на 31 август објави дека формира нова политичка партија Заедно, со тимот на затворената опозициска фигура Виктор Бабарико, со кого претходно работеше.

Колесникова (38), флејтистка и наставник по музика, влезе во политиката преку водење на кампањата на поранешниот банкар Виктор Бабарико, кој се обиде да учествува во трката за претседател на државата против Лукашенко, но беше затворен и не му беше дозволено да се кандидира.

Тројца дипломати на Европската унија за Ројтерс изјавија дека ЕУ се подготвува да воведе економски санкции за 31 висок претставник на Белорусија, вклучително и министерот за внатрешни работи, подоцна овој месец како одговор на изборите и последователната акција.

Литванскиот министер за надворешни работи Линас Линкевичиус го спореди она што ѝ се случи на Колесникова со нешто што го правеше тајната полиција од времето на Сталин во Советскиот Сојуз.

„Наместо да разговара со луѓето во Белорусија, раководството во заминување се обидува цинично (да) ги елиминира (нив) еден по еден“, напиша тој на Твитер.

„Киднапирањето… е срамота. Сталинистичките методи на НКВД се применуваат во Европа во 21 век. Таа мора веднаш да биде ослободена“. (Според агенциите)