Каја Калас остро до Вучиќ и Курти: Нема членство во ЕУ без нормализација на односите


 

Новата висока претставничка на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, во Брисел изјави дека единствениот пат за членство во ЕУ е нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина.

„Единствениот начин за членство во ЕУ е нормализација на нивните односи, врз основа на Охридскиот договор“, напиша Каја Калас на платформата Икс, каде објави фотографии од одвоените средби со српскиот претседател Александар Вучиќ и со косовскиот премиер Аљбин Курти.

Каја Калас додаде дека ја поздравува „подготвеноста за целосна соработка по неодамнешниот терористички напад. Сторителите мора да се соочат со правдата“.

Вучиќ е во еднодневна посета на Брисел, каде има одвоени средби со повеќе високи претставници на Европската унија.

Косовскиот премиер Албин Курти побарал во разговор со новата шефица на дипломатијата на Европската унија, Каја Калас, Србија да го предаде Милан Радоичиќ на косовските власти како организатор на нападот на Бањска на 24 септември минатата година. година.

По средбата во Брисел, Курти изјави дека е оптимист и дека Калас е „во вистинското време и на вистинското место“ и дека регионот ќе има корист од тоа.

Тој рече дека на средбата се разговарало за „прашањата за напредокот на Косово во однос на евроинтеграциите“, но и, како што наведе, „односите со нашиот северен сосед“.

„Нагласив дека имавме невиден економски раст и демократски напредок во независно Косово и дека во исто време се справивме со најсериозните безбедносни предизвици, најсериозните закани што резултираа со убиство на наредникот Африм Буњаку во Бањска“, рече тој.

Како што рече, „главниот криминалец во бандата што го направи ова е на слобода во Србија“.

„Побаравме, како и на секоја друга средба, предавање на Радоичиќ на косовските власти, бидејќи Обвинителството има обвинение од 160 страници против него и неговата група од над 40 лица“, рече Курти.

Тој нагласи дека на средбата се разговарало и за нападот на каналот Ибар-Лепенац, на северот на Косово.

Калас се сретна и со претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

Во објава на Инстаграм Вучиќ напиша дека разговорот бил „отворен и тежок“ и дека разговарале за европскиот пат на Србија.

„Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ зборуваше за неопходноста од воспоставување дијалог со Приштина, решавање на случајот Бањска и воведување санкции против Руската Федерација. Одговорив во согласност со политиката и интересите на Србија“, напиша Вучиќ.