Кафе шемата и журките на Широк Сокак го кренаа бројот на инфицираните во Битола


Со 133 нови заболени во септември и октомври во Битола дури сега почнува вистинската епидемија. Битолчани бараат здравствените власти да ги објават активните кластери

 

Анета Блажевска

БИТОЛА – Од почетокот на септември до денес рапидно расте бројот на ковид позитивни лица во Битола. Речиси 40 проценти од вкупниот број на заболени во Битола се разболеле за последните 36 дена, процент кој е загрижувачки со оглед на фактот што останатите 60 проценти (205 заболени) се потврдени за период од шест месеци. Она што ги вознемирува граѓаните е и бројот на починати. Во последните три недели починаа четворица битолчани, од вкупно 10 од почетокот на кризата.

Број на заболени во Битола достигна 338, од нив 77 се активни случаи. Новозаболените се на возраст од 16 до 85 години.

Септември се покажа како критичен за битолчани, иако сѐ уште не започнала грејната сезона, коментираат граѓаните на социјалните мрежи. Во овој месец се регистрирани 105 позитивни лица на вирусот, а во октомври за само шест дена се евидентирани нови 28 болни. За истиот период оздравеле 88 лица.

Голем дел од битолчани во последниот период се однесуваат повеќе од опуштено во однос на ковид кризата. Кафетериите и кафеаните се преполни со гости, жива музика има секој викенд како и журки по кафеани, а се врати и вообичаената кафе шема на Широк Сокак. Пазарната инспекција веќе затвори еден угостителски објект заради непочитување на здравствените протоколи. Полицијата има полни раце работа со пишување на казни заради неносење на заштитна маска.

Битолчани на социјалните мрежи бараат надлежните јавно да ги објават бројките колку кластери се активни и по колку заболени, инсистираат да се објават и податоците колку од нив се семејни кластери, а колку во јавни претпријатија, приватни фирми, спортски клубови.

„Нека кажат надлежните заради арно на сите дали вирусот се шири во семејни кластери, дали меѓу вработени во јавни претпријатија, приватни фирми или пак спортски клубови. Градот зборува дека инструктор по јога направил голем кластер, а веќе има позитивни и меѓу млади кои членуваат или тренираат во спортски клубови. Наводно, има заболени во нотарски канцеларии и слаткарници. Наместо да зборува градот нека зборуваат официјални лица и да се направи сѐ да се спречи ширењето на вирусот, зошто каде ќе ни биде крајот“, вели битолчанката Ленче Стојчевска.

Од Центарот за јавно здравје Битола не даваат податоци за кластерите, иако редовно објавуваат бројки колку од новозаболените се поврзани со веќе познати кластери. Така од седум регистрирани болни на 6 октомври само двајца даваат податок за контакт со веќе позитивно лице.

Професорот на Техничкиот факултет во Битола, д-р Дејан Трајковски, кој изработува математичко-статистички анализи без да навлегува во медицински аспекти вели дека согласно критериумите и терминологијата на Европскиот центар за превенција и сузбивање на заразните болести (ECDC) за оценка на ризиците на земјите, од денеска ризикот од ширење на Ковид-19 во општина Битола се категоризира како „загрижувачки тренд“. Битола исполнува три (потребни се минимум два) од четири услови за ваква категоризација:

– 14-дневната кумулативна инциденца е поголема од 60 нови случаи на 100.000 жители (во Битола изнесува 61,8 на 100.000 жители);

– стапка на позитивни тестови поголема од 3%;

– 14-дневна стапка на смртност поголема од 10 на милион жители (во Битола изнесува 20 на милион жители).

„Ако може да ни претставува некаква утеха, на државно ниво Македонија го пречекори прагот за 14-дневната кумулативна инциденца од 60 случаи на 100.000 жители уште на 10 јуни, а денешната вредност на државно ниво изнесува 107,2 на 100.000 жители, што претставува нов рекорд од почетокот на епидемијата до денес. Значи, Битола издржа приближно 4 месеци подолго од државата во статус на ‘стабилен раст’ според терминологијата на ECDC“, велипрофесорот Трајковски.

Денешниот број на активни случаи во Битола (76) е само за два помал од досегашниот максимум постигнат на 13 август. Ова не треба да ни влева лажна сигурност затоа што веќе еден месец случаите се затвораат без контролни тестирања, на 19-тиот ден од отворањето. „Доколку се применуваше поранешната методологија со контролни тестирања денешниот број на отворени случаи ќе беше уште поголем“, анализира Трајковски.

Инаку, до зголемување на бројот на активни случаи доаѓа поради забрзувањето на епидемијата, односно се поголемиот дневен број на новодијагностицирани.

„Можеме да кажеме дека во Битола дури сега започнува вистинската епидемија, која бара сериозност од сите граѓани доколку не сакаме да ги видиме состојбите веќе видени во остатокот од државата“, заклучува Трајковски.