Каде треба да се градат двете хидроцентрали на река Дошница што ја посети и Грета Тунберг (фото)


„Баров Дол“ и „Папрад“ се локациите на реката Дошница на кои Владата одобрила да се градат две мали хидроцентрали на Кожуф планина. Овој регион, богат со ендемски видови и биолошка разновидност, веќе втор месец го штитат еко-активисти од целата земја, свесни дека изградбата ќе значи уништување на биодиверзитетот и исчезнување на уникатни животински и растителни видови.

Двете локации се наоѓаат недалеку од изворите на Дошница, во недопрена природа, односно во голем дел подрачје на кое човечка нога не стапнала. Изворите на реката се наоѓаат во општина Каварадци. Така, со одлука и амин на Владата и општина Кавадарци, во 2019 година било одобрено оваа речна питка вода да се користи за производство на електрична енергија. Во тоа време коалициони партнери во Владата беа СДСМ и ДУИ на чело со Зоран Заев и Али Ахмети, а градоначалник на Кавадарци и тогаш беше Митко Јанчев од ВМРО-ДПМНЕ, кој воедно ќе биде кандидат на партијата и на локалните избори во октомври.

На една од локациите кај што треба да се гради, има багери што во моментов не работат поради блокадите на еко-активистите, кои се решени до крај да се борат во битката за зачувување на реката.

 

Инаку, како што за Мета.мк претходно рекоа од Министерството за животна средина и просторно планирање, дел од масивот Кожуф веќе е иденифиукуван како Емералд подрачje, кое е територија со висока природна вредност препознаена како значајна за зачувување на биолошката разновидност во Европа.

„Овие подрачја се дел од Емералд мрежата (Emerald Network), која е создадена во рамки на Бернската конвенција за заштита на европската дива флора и фауна и нивните природни живеалишта. Исто така, Кожуф е идентификувано како идно Натура 2000 подрачје кое е од европско значење, кое е дел од најголемата еколошка мрежа на заштитени подрачја во светот – НАТУРА 2000. Таа е воспоставена од Европската унија со цел да се обезбеди долгорочно зачувување на највредните и најзагрозени видови и живеалишта во Европа. Масивот Кожуф е идентфикуван како иден потенцијал за УНЕСКО Геопарк за кое треба дополнитлено да се аналзиараат гео вредности“, велат во МЖСПП.

Грета Тунберг на блокадите на Кожуф: Вашата битка против уништувањето на Дошница е и глобална