Каде е оној мој колега Николај Милков од Букурешт?

Зошто како дипломат се вклопивте во бугарската навивачка публика која не сака добри односи со Македонија, која не сака двата народа да живеат во мир


Драг колега Милков,

Ви го пишувам писмово од мојата удобна пензионерска соба во која се обидувам на македонските дипломати да им ги пренесам моите искуства од мојата дипломатска работа. Ви се обраќам како со „драг колега“, иако нешто во мене зборува дека веќе почнувам да не ве чувствувам како таков.

А беше токму така од моментот кога за прв пат во 2001 година се сретнавме во Букурешт. Јас како прв амбасадор на Македонија во Романија, веќе етаблиран во букурешкиот дипломатски кор, а вие како трет по ред од бугарските амбасадори во Романија, со кои имав прилика и задоволство да се дружам за време на моите пет години дипломатска работа во романскиот главен град. Со вашите претходници Мирче Иванов и Косио Китипов имавме убаво дружење и продолжив и со вас да се дружам зашто тоа го сакав, зашто мислев дека е најнормално да има повеќе дружба меѓу амбасадори од соседните земји. Слично нешто практикував и со вашиот амбасадор во Стразбур г. Светослав Раев. Такво дружење имав и со грчките амбасадори во Букурешт Стелиос Маликуртис и со неговата колешка која го наследи во Букурешт, Дора Гросоманиду.  Но да не се оддалечувам од она што сакам да ви го кажам.

Ми беше пријатно кога дознав дека вие ќе бидете министер за надворешни работи во последната техничка влада што ја формираше вашиот претседател Радев. Си реков, еве еден дипломат кој ќе се обиде својата дипломатска вештина да ја искористи некако да се релаксираат македонско-бугарските односи што се создадоа по бугарското вето во ЕУ. Си реков, исто така, дека имате и политичко искуство како заменик-министер за одбрана на Бугарија на која функција бевте по враќањето од Букурешт.

Како колеги во Букурешт беше неминовно да зборуваме за нашите односи во сегашноста, но и во минатото. Ги споменувавме војните, катастрофите што Бугарија ги доживеа во тие војни, зборувавме за судбините на многу бугарски војници кои загинаа во Првата светска војна на територијата на Македонија. Ви кажував за мојот дедо Трифун, кој како бугарски војник се вратил во 1918 година инвалид, борејќи се во рововите на Беласица против британските и француските војници. Констатиравме дека бугарските политичари и бугарскиот цар лекомислено влегле во Втората балканска војна и ја изгубиле, но сепак со Букурешкиот договор Бугарија успеала да го задржи излезот на Егејското Море. А ја имала и Струмица со 40 околни села. Бугарите ја почнаa Првата балканска војна со големи амбиции и имаa голем успех против Турците. Но се концентрираa кон една нереална цел. Да сe освои Цариград. И додека водела војна таму Србите ја освоија Вардарска Македонија и потоа настана спорот за наша Македонија. И тој трае долго. Трае покрај другото и поради фактот што многу Македонци имало и има во бугарските владејачки кругови и многу влијаеле во донесувањето на политичките одлуки. Но и во нешто друго. Двајца Македонци се и потписници на капитулациите на Бугарија во две војни. Радев во Букурешт (1913) и Љапчев во Солун (1918).

Зборувајќи за војните констатиравме дека грешките што Бугарија ги направила во Балканските и во Првата светска војна ја чинеа многу во територијален поглед. Најважно беше што Бугарија го изгуби излезот на Егејското Море што го доби во Првата балканска војна, но иако победена успеа да го сочува со Букурешкиот договор. Но пак Македонија била „виновникот“ и за тоа. Идејата била да се води војна на страната која ќе ѝ ја вети Македонија. А таа страна била Германија. Се жалевте дека Бугарија ќе победела во Втората балканска војна, но соседна Романија со својата војска марширала кон Софија и само интервенцијата на Австро-Унгарија и Русија ги сопрела Романците да не маршираат низ улиците во Софија. Се согласивте со тој факт и додадовте: „Но во 1015 година нашите војски на коњи маршираат низ букурешките улици“. Како губитник во таа војна Бугарија не само што не ја доби Македонија, туку покрај излезот на Егејското Море ја изгуби и Добруџа до Балчик, Место во кое подоцна романската кралица изгради летна резиденција и престојувајќи таму добивала инспирации за пишување поезија. Тој дел од Добруџа Бугарија го врати во 1940 година под притисок на хитлерова Германија, но тоа значеше повторно Бугарија да избере, веќе по трет пат, погрешна страна.

Драг колега Милков. Сѐ уште така ви се обраќам, зашто досега евоцирав спомени од нашите разговори во Букурешт. Но работите се сменија. И тоа дијаментрално. По Франција, во која бевте бугарски амбасадор, претседателот Румен Радев ве постави за министер за надворешни работи во последната техничка влада. Таа има за цел да ги организира следните четврти по ред парламентарни избори. Бугарските медиуми споменаа дека имате одлични релации со претседателот Радев, со што се наметнува дилемата какви релации ќе градите со Македонија доколку се земе предвид дека политиките на Радев кон Македонија изминатиот период беа конзервативни. И тоа се покажа како одлучувачко. Се покажа дека ја подржувате матрицата на Радев, но и на Каракачанов и на другите поранешни бугарски министри за надворешни работи. Го искористивте баналниот случај на тепачка на млади во Охрид за политички цели и притоа изјавивте: „Можно е одново да го вратиме ветото. Цинизам е да се дискутира за проекти за еколошка патека во Македонија, додека Пендиков лежи во болница. Може да стопираме и други меѓувладини проекти“. Претходно во присуство на македонски министер за надворешни работи изјавивте: „Во Македонија се враќаат црните традиции на палење, стрелање и насилство врз луѓето“. И по таквата ваша изјава се дрзнавте да напаѓате претседател на една држава – на Македонија, кој само изрази чудење за вашето тврдење за нешто што во историјата ниту постоело, ниту е докажливо.

Е, поради тоа господине Милков, веќе не сте ми ниту драг ниту во иднина сакам да ве признавам и да ви се обраќам како на колега. Се вклопивте во бугарската навивачка публика која не сака добри односи со Македонија, не сака двата народа да живеат во мир. Се појавувате како поголем брат кој му дели лекции на својот помлад брат. Како да две држави, како да двата братски народа не се рамноправни. Знаете, патернализмот е добар ако е во позитивна смисла, но ако е во негативна го предизвикува спротивниот ефект. Често слушам дека во Македонија има омраза кон Бугарите. Тоа не е сосема така. Се разбира има реакции кон бугарските политичари кои ја негираат македонската нација и македонскиот јазик, а има појави на омраза кон оние Бугари кои на социјалните мрежи, на телевизиите и во весниците во Софија ги омаловажуваат Македонците. Се вели дека македонско-бугарските односи се на најниското ниво во овие 30 години, откако Бугарија прва ја призна Македонија како држава, но не и нацијата и јазикот.

Кога како дипломат работев во Советот на Европа политичкиот директор во Советот Фурер во една прилика ми рече: „Господине Зашов, вие со Грција ќе најдете компромисно решение за името на вашата земја, но со Бугарија ќе имате големи проблеми, но не сега туку подоцна“. Тогаш не му поверував, имајќи предвид што ваша Бугарија прва ја призна Македонија, иако со задршка и селективно само државата, но не и македонската нација. Вашиот прв претседател по паѓањето на железната завеса, Жељу Желев, на една средба во Давос во 1992 година, 15 дена по тој чин на признавање, отворено зборуваше за тоа зошто Бугарија сакала да биде прва во признавањето на Македонија, додавајќи: „Во иднина ќе се види кој со кого е роднина“. Со него имав и уште една средба кога тој веќе не беше претседател, а јас бев пратеник во Собранието на Македонија. И тогаш 2007 година, тој се залагаше за разбирање меѓу двата народа. Го наследија претседатели кои не ја спроведуваа неговата политика.

И да се вратам на она што сега се случува во односите на нашите две земји. И да констатирам дека вие станавте актер на политиката на Бугарија во овие тешки денови на меѓусебните односи. Но не очекував дека повеќе ќе делувате како политичар, туку како дипломат. А дипломатите бараат решенија и не напаѓаат претседатели на други држави. Не ја користат позицијата што нивната држава ја стекнала затоа што порано се приклучила кон ЕУ. Како поранешен колега ве поздравувам и се надевам дека ќе го прочитате ова мое писмо. А јас останувам со убедување дека македонско-бугарските односи имаат перспектива.

(Благој Зашов е поранешен амбасадор)