Кацарска за бугарска Нова: Нема законска пречка Бугарите да влезат во Уставот
![](https://nezavisen.mk/wp-content/uploads/2023/06/кацарска.webp)
Претседатеката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, во интервју за бугарската телевизија Нова порача дека нема законска пречка граѓаните кои се чувствуваат како Бугари, Албанци, Срби или Турци, да се изјаснуваат како такви. Таа додаде дека никому не му е попречено правото слободно да ја изразува својата национална припадност, вклучувајќи го и секој попис на населението.
На прашањето дали има забрана на бугарски културни клубови во Северна Македонија и како Европа гледа на тие случаи, Кацарска кажа дека со закон се точно утврдени критериумите за основање на здруженија на граѓани и притоа потсети дека Северна Македонија е земја што максимално ги почитува одлуките на судот во Стразбур, при што алудираше дека има држави што не ги применуваат насоките и пресудите на Европскиот суд за човекови права.
На прашањето дали Македонија е подготвена да стане дел од Европската Унија со своето уставно право, кацарска одговори:
– Ние имаме современ демократски Устав, кој е всушност највисокиот акт во нашата држава. Како Судија на Уставниот суд кој што секојдневно го практицирам уставното право сметам дека Република Северна Македонија од аспект на уставното право е подготвена да биде дел од големото европско семејство. Притоа би нагласила дека нашиот Устав, иако се менуваше неколку пати и мораше да биде отворан заради подобрување на политичкиот систем, заради подобрување на меѓуетничките односи и конечно заради промената на нашето дотогаш уставно име, за жал, сепак го положи испитот на времето изминатите три децении. Еве дел од интервјуто:
Кои праваги имаат малцинските заедници и кои услови мора да ги исполнуваат за да бидат запишани во вашиот Устав?
– Уставот на Република Северна Македонија е современ граѓански Устав и ние неспорно сме мултиетничко општество. Нашиот Устав е многу јасен кога вели дека Северна Македонија е држава на граѓаните коишто живеат во оваа држава и тоа е држава на македонскиот народ но и на останатите граѓани коишто живеат тука, а се дел од останатите народи, и тоа од албанскиот, турскиот, ромскиот, српскиот народ итн – да не ги набројувам сите. Секако дека малцинствата или според нашиот Устав немнозинските заедници ги уживаат апсолутно сите права коишто ги уживаат и Македонците. Не постои во нашиот Устав ниту една одредба со која што се разграничуваат правата на Македонците и на немнозинските заедници, што значи станува збор за еднакви слободи и права. Ако го имате во предвид нашиот Устав ќе видите дека од членот 9 па некаде до членот 60 граѓаните уживаат многу слободи и права, Меѓу останатото кај нас е забранета дискриминација по основ на пол, раса, верска, етничка, национална, политичка припадност, уживаат слобода на уверувањето, слобода на мислата, изразувањето на мислата, слобода на политичко здружување итн. И никаде не стои дека овие права се само за Македонците, а за немнозинските заедници дека не важат тие правила. Токму заради тоа нагласувам дека сите наши граѓани според Уставот ги уживаат подеднакво сите слободи и права во државата.
Дали тоа означува дека нема никакви законски пречки да биде запишано бугарското малцинство?
-Како што споменав, Македонија е мултиетничка држава и можеби како ретко која земја во Европа ги впишала во Уставот сите граѓани, делови од народи кои живеат кај нас. Како човек лично јас апсолутно не ги делам луѓето по нивната националност и во никој случај мене како граѓанин не ми смета Бугарите, односно граѓаните на Република Северна Македонија коишто се чувствуваат како Бугари да бидат впишани во Уставот. Ако имате во предвид дека ние ја имаме потпишано Рамковната конвенција за националните малцинства на Советот на Европа, тоа значи дека ние ги признаваме правата на сите наши граѓани. Освен тоа во Македонија има високи европски стандарди токму во поглед на немнозинските заедници, тоа го говорат всушност и сите извештаи на релевантни институции, тука се мониторинг извештаите, годишните извештаи за напредокот на Република Северна Македонија, извештаите што се на многу невладини организации коишто работат токму за човековите права.
Но, конкретно дали бугарското малцинство е спорно за скопските политичари, затоа прашувам дали постои правна пречка?
-Категорично нагласувам дека законска пречка не постои затоа што сите граѓани се еднакви. Кој е тоа закон кој би забранил нешто на граѓаните коишто се чувствуваат како Бугари, а би го овозможил на граѓаните коишто се дел од народите кои ги набројав? Значи, законска пречка не постои.
Дали вие сте кажале на вашите политичари дека нема законска пречка?
-Јас сум претседател на Уставен суд и освен службени комуникации со политичарите, јас немам никаква комуникација…Ако некој ми постави вакво прашање јас одговарам пред се’ како правник, потоа како судија на Уставен суд и затоа велам нема законска пречка зошто политичарите разговараат на каков начин. Зошто не се внесуваат Бугарите, тоа е сепак тема која што треба да се постави на нашите политичари, на политичките елити во Република Северна Македонија. Јас ви велам дека можам да зборувам како граѓанин и можам да зборувам како судија, од аспект кога дискутираме за самите закони, се’ друго е тема на политичарите.
Но, има забрана на бугарски културни клубови. Како Европа ќе погледне на тие случаи според вас?
– Најнапред ќе тргнам од делот каде што велите дека гледате инциденти. Како човек и како судија притоа би нагласила дека 34 години бев судија во најголемиот суд во Република Северна Македонија и сега во Уставниот суд сум апсолутно против секое насилство и секаков тип на насилство. За мене и вербалното однесување е насилство, а тоа значи дека не подржувам никакво насилство. Но, мора да признаеме и да бидеме коректни дека изолирани случаи на насилство има во сите земји, не само во Европа туку и во светот. Околу здруженијата би појаснила една ситуација. Ние како република се грижиме за правата на сите немнозински заедници, точно е дека и судовите некогаш може да погрешат, дури и
Уставниот суд може да погреши, како што беше ситуацијата со здружението „РАДКО“. Тоа е здружение на граѓани кое што се грижи за идентитетот на Бугарите во Република Северна Македонија. Кога Уставниот суд пред повеќе години, можеби има и десет години или помалку, кога донесе одлука спротивна на барањето на ова здружение, истите се обратија со апликација до Судот во Стразбур. По донесувањето на таа одлука во судот во Стразбур веднаш ова здружение беше регистрирано и ден денеска непречено функционира во Република Северна Македонија. Ние сме земја којашто ги почитува максимално пресудите на Европскиот суд за човекови права. Ако алудирате на овие забрани што беа, како
вие што велите забрани за регистрирање, би нагласила дека беше донесен закон за измена на Законот за регистрација на здруженија и фондации и според тој закон точно е наведено кои услови треба да бидат исполнети за да може некое здружение да биде регистрирано доколку тоа здружение ги исполнува наведените услови во законот. Секако дека ќе биде непречено регистрирано здружението, значи за секоја една ситуација ние мора да зборуваме конкретно со докази и факти.