Кацарска открива: Добив клоца на плажа во Грција откако објавив пресуда за Груевски


Фото: Б. Грданоски

Претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, вечерва во интервју за Телма објави дека освен последните закани за кои јавноста беше запознаена, во изминатите години била и физички нападната.Нападот, како што рече таа, се случил на плажа во Грција во перидот кога го судела предметот за поранешниот премиер Никола Груевски.

„Во периодот кога го судев предметот за поранешниот премиер Никола Груевски, кога ја објавив пресудата, по неколку дена отидов една недела на одмор во Грција, со моја другарка. Таму бев физички нападната на плажа, бев удрена со клоца во ногата, во пределот на глуждот. Имав голем оток, имаше модринка и со таква нога возев до Скопје“, кажа Кацарска.

Прашана дали таму пријавила во полиција, Кацарска рече дека не пријавила затоа што сметала дека е изолиран случај, но оти го прекинала одморот и наредниот ден се вратила во Скопје.За тоа дали во земјава се чувствува побезбедно затоа што има обезбедување, Кацарска даде негативен одговор.

„Во истиот тој период го добив обезбедувањето по претходна безбедносна проценка, секако без мое барање. Тоа беше кога имаше и еден настан што се случи во Кривичен суд, во мојата канцеларија. Оттогаш го имам обезбедувањето. Инаку, не се чувствувам безбедна затоа што постојано ова се случува“, рече Кацарска.

Таа раскажа дека имало случаи некој да се стрча кон неа со намера физички да ја нападне, но, како што вели, кога ќе го видело обезбедувањето лицето се повлекувало и бегало. Кацарска вели дека нема сознанија кој стои зад овие напади и додава дека што и да каже би било во рамките на шпекулации.

Последните два случаи, кога до нејзиното гаражно место, каде што го паркира приватното возило, пронашла импровизиран кревет и забоден кујнски нож, но и кога маж и упатил вербална закана во трговски центар, Кацарска вели дека се првите што ги пријавила.

„Првпат пријавувам сега за овие два последни настана, а за тоа претходно што се случувало не сум пријавувала иако за некои настани од обезбедувањето усно пријавуваа кај нивните надлежни“,рече таа.

На прашањето дали досега во заканите била наведена причина, Кацарска рече дека заканите биле со пцовки, навреди, имало зборови во смисла „ќе видиш ти кого судеше“, но, како што рече, не кажале за кое судење се мисли.Околу последните два случаи кои ги пријави, Кацарска вели дека е изненадена од реакциите на некои адвокати кои биле објавени на Фејсбук.

„Слушам дека некои адвокати велат дека не е ова закана што се случило, па се повикуваат на член 144 став 1 дека требало по приватна тужба да се расчистува тој случај. Изненадена сум адвокати тоа да го зборуваат, бидејќи прво не станува збор за став 1 туку за став 4, има измени на Кривичниот законик“, додаде таа.

Кацарска овој месец пријави случај кога до нејзиното гаражно место, каде што го паркира приватното возило, пронашла импровизиран кревет и забоден кујнски нож. Три дена подоцна, во близина на трговски центар во центарот на Скопје, педесет и седумгодишен маж вербално ѝ упатил закани, со зборовите „ќе одговараш, страшно ќе одговараш“, по што интервенирало нејзиното обезбедување. Кацарска добивала закани и на социјалните мрежи, за кои не реагирала сè до случајот во нејзината гаража.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак изјавија дека е празник за правдата  кога Кацарска напушта раководна позиција. Мандатот на претседателката на Уставен суд, Добрила Кацарска истекува на втори јуни, а утре ќе се избира нов претседател од редовите на судиите.

Според нив Кацарска чувствувала исполнетост во “спроведувањето политички нарачки преку драконски казни за политичките конкуренти“ што било најголемиот срам за позицијата претседател на Уставниот суд во неговата историја.

„Дојде на функцијата како награда за казните за 27 април, без докази. Со посрамената Рускоска беа двоецот кој ќе биде запишан на црните страници на македонската историја. Цело време служеше и како судски портпарол на СДС и ДУИ. Таа е првиот и последен уставен судија избран откако претходно истиот суд пресудил дека прекршиле уставни одредби. Така функционираше пупка судството во кое Кацарска беше еден од главните извршители“,реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Кацарска за време на нејзиниот мандат ќе остане запаметена по критиките за измените на Кривичниот законик со кои беа ослободени функционери кои ја злоупотребиле власта. Таа, исто така, беше против иницијативата на министерот за правда, Кренар Лога, за внесување на етничката припадност во изводите на родени за да се спречи манипулација со националноста при вработување. Кацарска стана уставен судија во ноември 2020 година, а за претседателка беше избрана на 26 мај 2021 година. Како уставен судија ќе продолжи до 2030 година.