Јуратовиќ: Северна Македонија да се приклучи во НАТО и да и се даде ЕУ перспектива


Пратеникот во германскиот Бундестаг, Јосип Јурaтовиќ, денеска оцени дека Европската Унија, поради својата безбедност, мора да и даде на Северна Македонија искрена европска перспектива и да ја вклучи во трансатлантските структури.

Претеникот на Социјалдемократската партија на Германија во соопштението предупреди дека Северна Македонија е „многу етнички разновидна” и дека во неа „националистичките сили ќе имаат лесна работа ако населението добие впечаток дека западните земји ги оставиле на цедило”.

-Многу е важно да се создадат услови за Северна Македонија да влезе во НАТО. Помалку затоа што тоа би било од особена воена важност, но многу повеќе затоа што е потребно Северна Македонија безбедносно и политички да се прицврсти во трансатланските структури, наведе Јуратовиќ.

Според него, доколку не и се понуди на Северна Македонија искрена европска перспектива, тогаш ќе ослабнат демократските сили во земјава.

-Ако на Северна Македонија наскоро не и понудиме искрена европска перспектива, ќе ги ослабнеме демократските сили во таа земја, кои ионака се под притисок, а воедно и нашата сопствена стратешка безбедност во Европа, предупреди Јурaтовиќ.