Јовевски до пратениците: Излеговте од своите надлежности со расправата за Онкологија
Јавниот обвинител Љубомир Јовески им порача на пратениците во Собранието дека не можат да водат паралелна истрага за случајот со Клиниката за онкологија и дека е спротивно на Уставот, законите и на собраниските деловници да изнесува факти и докази од постапувањето на Обвинителството. Тој апелираше да престане политичката злоупотреба на предметот и да се остават обвинителите да си ја завршат работата, бидејќи вака го загрозуваат истражниот процес и и даваат можност на одбраната во суд да ги оспорува доказите. Кога ја добил поканата за сведочење пред анкетната комисија, Јовески објасни дека помислил оти е грешка.
„Сè повеќе сум уверен дека не се работи за грешка, туку за излегување од надлежностите на собраниските тела, со цел да се наруши предистражната постапка што ја води Обвинителството. Јавниот обвинител ниту е експерт ниту може да биде повикан да сведочи за активна кривична постапка. Тоа го забранува Уставот, кој јасно ја дефинира поделбата на законодавна, извршната и на судската власт и ја гарантира самостојноста на јавниот обвинител како надлежен орган за кривичен прогон“, рече обвинителот Јовески.
„Во вашиот комисиски деловник, пак, во делот на надлежностите сами сте напишале дека анкетната комисија ќе утврдува дали има политичка одговорност во целиот овој случај. Ниту постапувањето на Јавното обвинителство ниту најголемиот дел од сведоците, кои секојдневно ги повикувате тука, може да биде предмет на политичка одговорност. Кривичната одговорност, можеби ќе ве разочарам, не е во ваша надлежност“, наведе Јовески.
Документите и доказите за кои вчера јавно зборуваше лидерот на опозицијата Јовески смета дека треба да бидат доставени во Обвинителството за да не се дозволи да се компромитира постапката за ситни дневнополитички поени.
„ Секој чесен граѓанин не треба да ги чува доказите, да не се фали дека ги поседува, туку веднаш да ги предаде на надлежните органи. И ќе си дозволам само да ви кажам – исказот пред вас и солзите на актуелната директорка многу кажуваат за проблемите со кои се соочува клиниката, затоа итно како пратеници заложете се да се обезбеди терапија за сите пациенти со оваа тешка болест“, рече Јовески, во смисла работете го тоа што е ваша надлежност, а не мојата.
Тој апелираше Собранието да ги смени законите, за никогаш да не се случи повторно директорка на Клиниката за онкологија да плаче во Собранието затоа што има недостиг на лекови за болните од рак, алудирајќи на солзите на доктор Виолета Клисаровска. Таа пред неколку денови на Анкетната комисија кажа дека дефицитот на лекови на Онкологија ја става под голема одговорност и речиси се расплака поради одговорноста што ја чувствува како човек, лекар и директор.
Од неговата изјава се најдоа навредени дел од пратениците при што Љупчо Пренџов од ГРОМ му рече дека имал 12 години да ѝ ја кажете вистината на македонската јавност, место да ги гледа сега нив на телевизија. Тој го предупреди обвинителот да не го навредува Собранието оти пратениците седат тука затоа што се избор на граѓаните, а тој е дојден „затоа што е предлог на Зоран Заев“.
Јовевски пак од пратениците побара да застанат зад независноста на Обвинителството и да му веруваат.
– Ги гледам расправите. Од оваа говорница неколку пратеници излегоа да кажат дека имале блиски пациенти на Онкологија. Се надевам дека не е целта со такви дискусии да се покаже дека некој повеќе е засегнат од ова прашање. Свесни сме и знаеме сите, скоро и да нема семејство, дом, човек во државата кој не поминал или лично или преку некој близок низ траумите на канцер. Мојот единствен брат почина на Клиниката за онкологија пред 4 години. Во моето најблиско опкружување и сега имам пациент на таа клиника. Ова не го кажувам за да докажувам дека и мене ми е важно да се дојде до вистината, туку зашто знам дека и тој личен факт може да се злоупотреби политички и да фрли сомнеж на непристрасноста на постапката. Никогаш не сум влијаел а нема ни сега да им влијаам на јавните обвинители кои постапуваат. Апелирам да престане злоупотребата на предметот Онкологија во политички цели и за тоа барам поддршка од целата јавност. Директно се загрозува постапката и валидноста на доказите на што укажа и претседателот на Основниот суд, паралелна истрага е недозволена, рече Јовески.
Сведок на анкетната комисија беше и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кој кажа дека МВР постапува по сите барања кои се добиваат од Јавното обвинителство за предметот Онкологија.
– Секаде каде што се доставува барање за истражни дејствија, тоа го работи МВР. Јасна е позицијата и сите докази се утврдуваат по издадените наредби. Формирањето на Анкетната комисија е политичка одлука и немаме мислење или можност за имање мислење зашто вие носите одлука за тоа. За тоа што конкретно се разгледува, тие информации не може да се споделат овде бидејќи се дел од истрагата, рече Спасовски.