„Јованка во боја“ – Белград со ревија ѝ оддаде почит на првата дама која од униформа скокна во балски фустани (галерија)

Македонската дизајнерка Лидија Георгиева заедно со компанијата Завар Дизајн, беше единствен претставник од Македонија, со интересен концепт и интерпретација на темата


Модната ревија „Јованка во боја“, инспирирана од ликот и делото на Јованка Броз, сопругата на доживотниот претседател на Југославија Јосип Броз Тито, се одржа во Палатата Србија, во рамки на манифестацијата Белградска модна недела, во организација на модното студио „Клик“. 

На модната ревија беа претставени парчињата облека на 23 избрани дизајнери од Србија и другите републики на поранешна Југославија, кои покрај пристапот до архивите, имаа можност да користат и материјали кои Броз ги добиваше за време на нејзините патувања со Тито низ светот.

Македонската дизајнерка Лидија Георгиева заедно со компанијата Завар Дизајн, беше единствен претставник од Македонија, со интересен концепт и интерпретација на темата.
– Дизајните кои ги презентирав се инспирирани од идејата за Златен кафез, како моја интерпретација на зададената тема. Како составен дел на целосниот дизајн на облеката, беа изработени и два модни додатоци кои го илустрираат целиот концепт, ни изјави ексклузивно Георгиева.

Јованка Броз, покрај југословенската мода и текстилната индустрија, соработувала со модниот салон Клара Ротшилд во Будимпешта, купувала облека и додатоци од модните куќи Диор, Ланвин, Балмен, Пјер Карден, Валентино и материјали од текстилните компании Маркото, Черути, Зења, Бјанкини-Ферер и на бројни патувања низ светот.

Колекцијата на првата дама на Југославија ги отсликува повеќекратните модни идентитети на Јованка Броз, чувајќи ја и воената униформа и ракавиците на Диор изработени од најдобрата кожа. Како беспрекорна водителка и гостин на меѓународни средби, прва дама на неврзаните, но пред се гламурозен симбол на СФРЈ, некрунисаната кралица на модата – како што е опишана во странскиот печат, изградила  препознатлив моден идентитет – монументален стил, нагласена половина и деколте, луксузни материјали, впечатливи бои и текстури, препознатливи фризури и модни детали .

Разбивајќи го сивилото на источниот, социјалистички блок, Јованка вешто ги користеше и интензивните и пастелните бои, а често и белата за да биде видлива. И кога беше опкружена со најважните личности од тоа време, таа се истакна, пленеше со својата убавина, држење, изглед и елеганција, приспособувајќи ја актуелната мода на нејзиниот стил и рачно изработената, уникатна облека.

За време на државните состаноци, првата дама се облекуваше според протоколот на СФРЈ и земјата домаќин, но им даде и личен печат на тие крути правила – избирајќи облека инспирирана од националните носии на народот на Југославија со цел да се промовира национален стил или со избирање материјали со традиционални мотиви на земјата во која престојувала за да им покаже почит. Иако нејзината облека е непотпишана, засега е познато дека носеше модели од локалните дизајнери Александар Јоксимовиќ, Мирјана Мариќ, Жужи Јелинек, Добрила Смиљаниќ и Анѓелка Слијепчевиќ. 

Една од идеите на ревијата на Јованка во боја е да се истакне моќта на модата како уметност – затоа што модата е уметност – што е и пораката на јубилејната  Модна недела. Како што може да се види на примерот на Јованка Броз, модниот дизајн е исклучително дипломатска алатка која има моќ да поврзува различни култури и народи, минатото и сегашноста и да ја предвиди иднината, потенцираа организаторите.

Ретројугословенскиот шик на импровизираната модна писта во Палатата Србија го оживеаја, меѓу другите, актерката на Народниот театар Нада Шаргин, актерките Александра Јанковиќ, Марија Бергман, Јелена Чурувија…

Шаргин за Танјуг изјави дека се чувствува одлично во фустан создаден од оригинални материјали од наследството на Јованка Броз.


„Ми се допаѓа оваа свила, сите се чувствуваат елегантно во неа. Овој југословенски ретро шик е удобен“, рече Шаргин.

На ревијата присуствуваше и Нада Будисављевиќ, сестрата на Јованка Броз.

Ревијата е дел од поширокиот проект „Јованка у боји“, кој го прикажува наследството што семејството на Јованка Броз го доби по нејзината смрт, а вклучува околу 3.000 артефакти – нејзините фустани, комплети, чевли, додатоци, како и скици, фотографии ..

Планирано е колекцијата од оваа ревија да биде прикажана и во други центри на поранешна Југославија.

Фото: Ѓорѓе Томиќ

 

Сузана Манчиќ и Весна Југовиќ