Јордановски: Време е Штип да добие јавен превоз
Иван Јорданов, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на општина Штип предлага да се субвенционираат економски оператори кои што ќе го вршат јавниот превоз во градот. Тој жали што актуелната власт не се заинтересирала за воведување на јавен превоз во Штип, за да можат граѓаните до градското подрачје пристигаат без проблем.
„Јавниот превоз е потреба. Имавме можност со нашите сограѓани кои живеат во подалечните населби да искомуницираме и да ја воочиме таа потреба. Затоа општина Штип има обврска по однос на ваквите дејности да субвенционира за да има можност да се воспостави во конкретниот случај јавен превоз“, рече Јорданов.
Јорданов додаде дека во изминатите четири години во изборната програма на СДСМ „За живот“ е ветен јавен превоз , но не е реализиран, така што тој се сомнева дека и сега нивните ветувања се лаги напишани на хартија.
„Во програмата на СДСМ пак се ветува јавен превоз, се ветуваат убави работи за слушање ,но ако во изминативе четири години не бил реализиран, како да веруваме и ние како опозиција, но и граѓаните дека во следните четири години, доколку ја добијат довербата од граѓаните, ќе биде реализиран. Зошто граѓаните да ја дадат довербата, кога претходно биле буквално излажани од СДСМ“, запраша Јорданов.
Јорданов го посочи за пример и неизградениот затворен базен кој СДСМ го ветуваше на минатите избори но не го изгради.
„Гледаме четврта година како СДСМ зборува дека ќе се гради затворен базен и дека штотуку не е пуштен во употреба. Се провлекува изградбата од избори на избори, се свикува цела свита, се сликаат, се рекламираат дека штотуку не е пуштен во употреба и така се развлекува периодот. И сето тоа остава сомнеж дека буквално нешто се прави“, појасни Јорданов.