Јанша прогласува „прес-титутки“ и непријатели на државата


Откако ја презеде власта во март, десничарскиот премиер на Словенија, Јанез Јанша, е многу зафатен на Твитер. Тој ги нарече новинарите што го критикуваат лажговци и „прес-титутки“ и изјави дека генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) треба да си даде оставка. Во средата, тој сподели напис на Твитер кој сугерираше дека поборниците за слобода на печатот, кои вклучија аларм за неговите постапки, користеле кокаин.

Јанша, кој има тенденција како Трамп да објавува воспалителни твитови и е близок сојузник на екстремно-десничарскиот унгарски премиер Виктор Орбан, ја презеде функцијата откако претходниот премиер на земјата, Марјан Шарец, си поднесе оставка, во надеж дека ќе се одржат предвремени избори. Но, Јанша успеја да формира коалиција со уште три партии.

Во првите недели, вниманието на владата во најголем дел беше насочено кон епидемијата со корона вирусот, при што Словенија успеа да помине со мал број на заразени и смртни случаи. Сепак, критичарите стравуваат дека Јанша, како и неговиот ментор Орбан, сака да ја искористи кризата со корона вирусот за политички предности. Тој, исто така, ќе може да дејствува како дополнителен глас на поддршка за Орбан и за полската влада во ЕУ, кои сакаат да се обезбедат дека Унијата нема да им држи лекции за демократија и владеење на правото. Словенија ќе го предводи ротирачкото претседателство на ЕУ следната година.

Инаку, 61-годишниот Јанша има зад себе многу слично политичко искуство како Орбан, започнувајќи пред три децении како про-демократски борец и постепено прифаќајќи, со текот на годините, антимиграциска и скептична реторика. „Во политичките кампањи  Јанша користи ксенофобија, исламофобија и говор на омраза“, вели Борис Везјак, професор на Универзитетот во Марибор во Словенија.

Како и Орбан, тој беше обвинет дека поддржува кронизам и корупција. Во 2013 година беше осуден на две години затвор за мито, но неговата пресуда беше поништена од Уставниот суд поради недостаток на директни докази и тој беше пуштен на слобода по шест месеци затвор. Тој ги негираше сите обвинувања.

Јанша, кој имаше два кратки претходни мандати како премиер, е поддржан од телевизиска мрежа финансирана од унгарски бизнисмени блиски до Орбан, а поранешниот директор на мрежата Алеш Хојс му стана нов министер за внатрешни работи.

„Како и Орбан, тој е добар во дистанцирањето од злоупотребата на ресурсите со анти-Бриселска и антимигрантската реторика“, вели Флоријан Бибер, регионален експерт на Универзитетот во Грац.

Јанша прифати некои од поентите на Трамп околу корона вирусот, вклучително и повикот за оставка на генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус. Како и Трамп, тој ги напаѓа критичките новинари, обвинувајќи ја јавната телевизија за „ширење лаги“. Кога беше во опозиција, во 2016 година, тој обвини две новинарки дека се „испрани проститутки“.

Откако дојде на власт во март, Јанша го нападна истражувачкиот новинар Блаж Згага, кој критикуваше некои владини мерки околу корона вирусот како незаконски. На официјална владина веб-страница беше објавено тврдењето дека новинарот е „избеган психијатриски пациент“ и рече дека страда од „Ковид-Маркс/Ленин“. Згага рече дека нападите предизвикале бран од пораки на омраза и закани кон него.

„Сум бил под полициска заштита и претходно, ме напаѓаа и претходно, но никогаш немам доживеано вакво нешто“, рече тој.

Конзорциумот на здруженијата за слобода на медиумите,, вклучително и „Репортери без граници“, напиша отворено писмо до Вера Јоурова, потпретседател на Комисијата на ЕУ за вредности и транспарентност, повикувајќи ја да се справи со словенечката влада. Откако ги набројаа хронолошки заканите кон Згага, тие порачаа дека се плашат за неговиот живот откако приврзаниците на словенечката влада го прогласија за „непријател на државата“.

„Без омраза, без закани, без лични напади. Остварен е контакт со Словенија за да се разговара за ситуацијата“, напиша Јоурова на Твитер минатата недела. Изгледа дека Јанша, сепак, не го сфати сериозно укорот.

„Ниту една фигура во словенечката историја не направила повеќе за да ја дискредитира новинарската заедница отколку овој лажливец“, напиша тој како одговор.

Активистите за права исто така велат дека има загрижувачки сигнали во агендата на новата влада по епидемијата. Минатиот вторник парламентот донесе закон со кој се одземаат правата на повеќето невладини организации да учествуваат во проценките на животната средина околу инфраструктурните проекти. Иако преставен како предлог-закон за да се помогне на економијата по коронавирусот, невладините организации во Љубљана велат дека тој ќе ѝ овозможи на владата да се зафати со контроверзни градежни проекти без да ги земе предвид еколошките проблеми.

Ограничувачки фактор за Јанша веројатно ќе биде тоа што треба да владее во коалиција и со избирачко тело што традиционално го ставаше во центарот. Тоа ќе му го отежни обидот да ја прецрта политичката сцена во земјата.

„Јанша е подготвен да оди далеку како Орбан, нема сомнение во тоа, но за среќа опозицијата е сè уште силна, а можеби и коалицијата нема да биде подготвена да го поддржи докрај“, рече Везјак. (Гардијан)