Јанина – град во кој се сака старото
Прастари дрвја, тврдина зад чии ѕидови живеат голем број од локалните жители, куќи со тераси од ковано железо, старински врати и прозорци, кафе барови како антикварници – тоа е Јанина, град во северна Грција во кој се сака и се почитува старото.

Никој ништо не урива, се гради како во минатото, никој не ги сече прастарите дрвја и сите уживаат во духот на минатото. Според некои проценки, Јанина потсетува на сараевската Баш чаршија, поради миксот на грчкото со отоманското.

Иако не е на листата на најатрактивните места во Грција за туристите, бидејќи е на езеро а не на море, Јанина не остава никого рамнодушен што ќе се најде случајно или со цел тука. Со околу 65.000 жители Јанина е повеќевременска оаза на патот кон туристичките центри на Јонското море и самата има аеродром. Како студентски град изобилува со кафе барови и ресторани, а поради бројните туристи, изобилува и со продавници со сувенири.

Заштитен знак на Јанина е тврдината од Отоманскиот период која за разлика од таквите во светот, е населена од внатре и обиколена со масивен дрворед од надвор.

Јанина според историските записи била населена од еленскиот период, но се смета дека темелите како град ги поставил византискиот владетел Јустинијан во 6 век.

Градот имал проблематична историја бидејќи ги сменил владетелите неколку пати додека во 1913 година не станал официјално дел од денешна Грција. Целата таа историја и тоа културно наследство се испишани денес на улиците на ова исклучително место во кое новото се гради како старо, а остатоците од старото се чуваат како богатство. (Н.В.)





