Јаневска: Над 17.000 првачиња ја почнаа учебната година, реформите за едносменска настава продолжуваат


Околу 17.000 ученици во прво одделение ја започнаа учебната 2025-2026 година. Но, точната бројка се уште ја нема Министерството за образование и наука, бидејќи се уште тече процесот на запишување на ученици во прво одделение. Но, разликата од лани е минимална, истакна денеска министерката за образование и наука, Весна Јаневска, која заедно со премиерот Христијан Мицкоски и градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓеоргиевски присуствуваа на почетокот на новата учебна година во Општинското основно училиште (ООУ) „Кирил Пејчиновиќ“.

-Како што веќе разговаравме, очекуваме во следните години да имаме поголемо намалување, што би било проблем. Оттука и политиката на Владата за подобрување на демографската состојба во државата, па како што можевте да видите еве денес во прво одделение, а во следните неколку дена и за второ и трето одделение има сликовница за значењето на семејството, изјави Јаневска.

Прашана кога ќе завршат реформите во образованието, за да нема училишта со пет до шест деца, Јаневска со одговор дека оваа реформа сериозно ќе ја почнат следната година.  

-Што значи, со почетокот на учебната година 2026-2027 година. Сметам дека најголем дел процент од училиштата ќе бидат оптимизирани, а училишните паралелки доведени во состојба да работат по закон, освен во средно стручно образование, каде што тоа не важи и може да има паралелки со помал број. Претпоставувам дека нема да можеме да завршиме се во една година. Но, верувам дека во следните две години дека тој процес ќе биде завршен, вели Јаневска,

Прашана за задолжувањето од 15 милиони евра, кое денеска е на седница во Собранието, таа појасни дека ова е продолжување на заемот од Светска банка, кој веќе го имаме.

– Сега бараме дополнителни средства, токму за овие причини, кои веќе ви ги кажував, за комплетно воведување на едносменска настава, за едукација на наставниците и за евентуална преквалификација на наставниците, изјави Јаневска.

Што се однесува за училиштето во Нерово, Министерството за образование и наука и министерството за транспорт и врски веќе имаат превземено чекори за го разрешат проблемот.

-За еден месец навистина не бевме во состојба да преземе ништо во врска со условите во училиштето во Нерово. Но, секако го имаме предвид и се што е потребно најбрзо што може ќе го направиме и тоа. Инаку, јас сум сосвесна дека има други училишта во кои условите би требало да бидат подобрени во овој момент веќе кажав седум нови објекти завршени, 20 училишта реконструирани, два студентски дома, вели Јаневска.

Таа на првиот училишен ден во новата учебна 2025 2026 година најави реконструкција на спортски сали, но и изградба на нови 30 спортски сали, потоа реконструкција на ученички дом и на ресурсните центри и какшто рече „она што направивме на самиот почеток, мапиравме, скениравме, одредивме приоритети и продолжуваме понатаму да работиме со исто темпо“.