Јаневска: Е-дневникот не дозволува веќе бришење и поправење на оценки


Бришење и поправење на оценки веќе нема, од страна на наставниците, како и директорите на училиштата да интервенираат во графите на електронскиот дневник. Тоа електронскиот дневник веќе не го дозволува порача денеска министерката за образование и наука, Весна Јаневска, која одговараше на новинарско прашање за реакциите за фукционалноста на е дневникот, како и за забелешките за учебници кои се оштетени.

-Е-дневникот е работен како проект на Европската унија и е надграден и осовремен, она што сакам децидно да го кажам е дека нема веќе бришење, допишување или препишување на оценки. Нема повеќе препишување на наставни планови и програми. Точно е тоа дека е-дневникот веќе не го дозволува тоа. Нема бришење на оценка двојка, преправање во петка. Тоа ќе може само администраторот во МОН да го направи. Доколку има сериозно објаснување за таквото нешто, дека згрешил наставникот и да интервенира во најкус можен рок, изјави Јаневска.

Таа додаде дека нема повеќе директорите да интервенираат во графите, ниту ќе може еден предметен наставник да ги гледа оценките на другите предметни наставници.

Министерката за образование, Јаневска истакна дека наставниците имаат обука за користење на електронскиот дневник, но доколку се потребни дополнителни ќе бидат организирани. Направени се и видео упатства, како да се користи, со цел полесно да се користи системот.