Јанчев: Гостиварската канализација го наплати данокот од 30 години партизација


Пратеникот од Левица, Сашко Јанчев,  во врска со катастрофата поврзана со загадувањето на водата за пиење во Гостивар, оцени дека ваков случај е недозволив во 21 век.

„Функционалните канализациони и водоводни системи не се историски нов феномен. Постојат две и пол илјади години и во 2026 година да ни се случи ваква ситуација од вакви размери е незамисливо. Тоа како општество не смееме да си го дозволиме ни на сон“, истакна Јанчев.

Тој посочи дека покрај пропустите во управувањето со водоснабдителниот систем, сериозно потфрлил и здравствениот систем.

„Очигледен е пропустот на здравствениот систем во ситуација кога имаме очигледна епидемија. Не е дозволиво прв државен орган којшто ќе интервенира и којшто ќе иницира одговор да биде правосуден орган или во случајот тоа да биде Јавното обвинителство. Тука очигледно потфрли здравствениот систем, којшто можеше прв да алармира и да иницира државен одговор“, нагласи тој.

Според Јанчев, случувањата се последица на долгогодишната партизација на институциите.

„Сè на сè, ова е данокот којшто го плаќаме како општество за тоа што изминатите триесет години се партизираат институциите и што се уништува сè што е јавен и државен апарат за тесни партиски интереси“, порача пратеникот од Левица.