Јакимовски за навредите од ВМРО-ДПМНЕ: Јас признав пораз, вие излеговте алкохолизирани на прес-конференција


 

Градоначалникот на Карпош и кандидат во првиот круг од претседателските избори, Стевчо Јакимовски, реагираше откако, како што пишува, неговиот колега, градоначалникот на Аеродром, Тимчо Муцунски од ВМРО-ДПМНЕ, се подбивал со неговиот изборен резултат притоа „обидувајќи се да биде вицкаст“. „Јас прв го признав поразот и му честитав на водството на нивниот кандидат, а тие пред македонската јавност излегоа во алкохолизирана состојба и едвај го прочитаа тоа што го напишале“, напиша на Фејсбук Стевчо Јакимовски, градоначалник на Карпош и претседателски кандидат на првиот круг од изборите.

Тој беше испровоциран од градоначалникот на Аеродром, Тимчо Муцунски од ВМРО-ДПМНЕ, кој го исмејувал  неговиот изборен резултат.

„Иако и јас можам да бидам повицкаст, јас ќе бидам само реален и ќе изнесам факт. Градоначалникот на Аеродром, Тимчо Муцунски, наследи општина со 200 милиони денари на жиро сметка, клубот МЗТ со 6 милиони денари и 18 милиони денари потпишани договори кои треба да легнат на сметката на клубот во наредниот период. Денес општина Аеродром не може да си ги плати обврските кон добавувачите и изведувачите, има проблеми со исплата на плати. На МЗТ му ветуваше брда и долини, а сега доцни со плати. Веројатно колегата мисли дека високиот резултат на нивниот претседателски кандидат е како плод на неговото домаќинско и успешно работење и дека оваа разлика во однос на другиот кандидат се резултат на неговото управување, но реалноста е дека следниот градоначалник по него нема да може да ја оправи општината. Заради колосалните успеси во локалната самоуправа сега се гребе за функција во владата“, пишува Јакимовски во објавата на Фејсбук.

Во контекст на својот слаб изборен резултат од првиот круг од претседателските избори, Јакимовски вели дека е шокиран исто како што ВМРО-ДПМНЕ било шокирано од превисокиот број на гласови што ги освоила нивната кандидатка Гордана Силјановска-Давкова. Но, како што вели, прв излегол и го признал поразот и ѝ честитал на Силјановска-Давкова што, како што вели, му доликува на еден претседателски кандидат.

„За разлика од мене, тие пред очите на цела македонска јавност излегоа во алкохолизирана состојба, ги валкаа зборовите и едвај го прочитаа тоа што го напишале. Јас знам да се носам и со победите и со поразите. Нив власта секогаш ги опијанува, а мене никогаш“, пишува Јакимовски.