Извештајот на ЕУ за реформскиот напредок е охрабрувачки, потребни се напори за решавање на спорот со Софија
Европскиот комесар за проширување Оливер Вархеји, вчера прв пат во неговиот мандат ги презентираше редовните извештаи за реформскиот напредок на земјите од западен Балкан и Турција, Северна Македонија бележи напредок во повеќе области, но треба да вложи дополнителен напор за медиумите, антидискриминацијата и говорот на омраза, истовремено да се ангажира со Софија за надминување на спорот за да избегне блокада во ноември, јави дописничката на МИА од Брисел.
Северна Македонија, споредбено со другите земји од регионот бележи најзначителен напредок во повеќето области на патот кон ЕУ. Во делот за правосудството, земјата треба да продолжи да се подобрува, но се нотира “добар прогрес“ во имплементирањето на реформската стратегија за судството.
Европската Комисија бара дополнителен напор за да се обезбеди систематско спроведување на ревидираниот акциски план на судската стратегија. Се поздравува работата на Судскиот Совет, кој задачите ги врши на проактивен начин, додека механизмите за обезбедување независност на судството, отчетност, дисциплинските процедури и спречувањето на конфликтите на интереси се подобрени.
Не се заобиколува ниту Јавното Обвинителство (ЈО) и последиците од дебаклот на Специјалното јавно обвинителство, и пресудата против Катица Јанева.
Законот за ЈО има, меѓу другото, задача да осигури одржливо решавање на предметите кои произлегуваат од нелегалните прислушувања.
Борбата против корупцијата, исто така темелен дел од процесот на интеграција во ЕУ, бележи добар напредок во делот на истрага, гонење и судење на високопрофилни корупциски предмети, а посебно се поздравува работата на Комисијата за спречување на корупцијата и нејзината проактивна улога во оваа област.
-Корупцијата е сеприсутна во многу области и треба да се обезбеди попроактивен пристап од сите чинители инволвирани во спречувањето и борбата против корупцијата, гласи извештајот.
Иако Северна Македонија располага законска рамка во согласност со ЕУ стандардите во делот на заштитата на фундаменталните права, голема слабост во овој момент е што земјата нема сеопфатен закон за антидискриминација откако овој закон беше поништен од страна на Уставниот суд врз основа на процедурални грешки.
ЕК смета дека ова претставува „сериозен недостаток“ кој мора да биде коригиран од страна на новиот состав.
Слабост на Северна Македонија е и спроведувањето на законодавството за спречување на говор на омраза.
Се критикува и фактот што нема вистински независни истражители за вршење на ефикасен надзор врз работата на полицијата кој ќе овозможи ефикасно справување со феноменот на неказнивост во полицијата. Потребни се исто така итни мерки за подобрување на состојбата во затворите и изнаоѓање алтернативни решенија за притвор и затвор.
Европската Комисија бележи умерен напредок во делот на слободата на медиумите, но истакнува дека се зголемени тензиите за време на кризата со Ковид-19 и за време на изборната кампања.
-Напорите за саморегулација треба да бидат интензивирани за да се унапредат професионалните стандарди и квалитетот на новинарството, стои во извештајот.
Поголема транспарентност е потребна во делот на државното, јавното и партиското рекламирање во медиумите, а се очекува одржливо решение за независноста, професионалните стандарди и финансиската одржливост на Македонската радио телевизија.
-Суштински е да се продолжи да се поддржува медиумскиот плурализам, промовирање на професионализмот, објективното известување, истражувачкото новинарство како и градењето отпорност за борба против дезинформациите, стои во извештајот на ЕК.
Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, на прес-конференцијата вчера потврди дека амбицијата да се усвои преговарачката рамка за Северна Македонија и за Албанија за време на германското претседателство, односно до крајот на оваа година, останува целта на неговиот тим.
-Сѐ уште целиме на одржување на првите меѓувладини конференции под германско претседателство (до 31 декември, н.з.), тоа е пораката што ја пренесов до Европскиот Парламент и тука, уште имам надеж дека е возможно, изјави Вархеји одговарајќи на новинарско прашање за Албанија и Северна Македонија.
Комесарот додаде дека овие извештаи за реформскиот напредок, први откако тој е на оваа функција, се изготвени врз база на факти и информации од сите релевантни чинители.
-Се надевам дека со ова Советот ќе може да оди напред и да постигне договор за преговарачките рамки за двете земји, порача еврокомесарот за проширување.
Тој потсети дека Скопје треба да продолжи да вложува напори за надминување на споровите со соседна Бугарија која како земја членка може да го блокира усвојувањето на преговарачката рамка и почетокот на преговорите со ЕУ.
-Работиме рака под рака со бугарските и македонските власти, ги примив министерот за надворешни работи и вицепремиерот минатата недела и ги охрабрив да се ангажираат со нивниот сосед бидејќи станува збор за взаемен интерес да се изнајде решение кое е прифатливо решение за двете страни, рече Вархеји на вчерашната прес конференција.
Комисијата вчера го презентираше и својот предлог за Економски и инвестициски план за западниот Балкан.
Таа предлага да се издвојат девет милијарди евра од парите наменети за претпристапниот инструмент (ИПА III) од буџетот на ЕУ за периодот 2021-2027.
Новата ИПА, како дел од Повеќегодишната буџетска рамка на ЕУ, сѐ уште не е усвоена во ЕУ, но начелно предвидува 14 милијарди евра за западниот Балкан и Турција, со тоа што поголемиот дел од средствата се одвоени за западниот Балкан само. ЕИП треба во најголем дел да биде посветен на продуктивни инвестиции и инфраструктура и ќе се фокусира на десет основни проекти.
Покрај ова, Комисијата предлага, преку Гаранцискиот фонд за западен Балкан, да се мобилизираат до 20 милијарди евра јавни и приватни инвестиции во наредните десет години за да зајакне инфраструктурната поврзаност посебно во делот на транспортот и енергијата, зелената и дигиталната транзиција, зајакнување на конкурентноста на приватниот сектор, и развој на социјалниот сектор.