Изречени се казни до 53.000 евра за загадувачите – воздухот во Скопје уште е загаден
Денеска се одржа вонредна седница на советот на градот Скопје, посветена на загадувањето на амбиенталниот воздух и неговите причинители, а градоначалникот Орце Ѓорѓиевски вели дека се согласува со сите излагања на советниците.
– Во изминатиот период преземавме засилени инспекциски контроли на индустриските капацитети, воведовме редовни и вонредни надзори, работиме на решавање на сообраќајот, изградба на нови зелени површини и зелени коридори, како и соодветен третман на депониите. Само во периодот од 6 ноември до 1 јануари, издадени се 90 прекршочни платни налози и глоби, 33 решенија за задолжување, 35 вонредни надзори и 290 опомени. Инспекторите за животна средина извршија над 45 вонредни надзори на правни субјекти во кругот на поранешни фабрики ОХИС и Стаклара, како и на територијата на општина Сарај.
Изречени се глоби во висина од 1.000 до 53.000 евра – рече Ѓорѓиевски.
Појасни дека одговорни лица во правни субјекти се казнети со по 3.000 евра, додека десетици физички лица кои неправилно одлагале отпад на јавни и приватни површини добиле казни од 250 до 500 евра за палење и неправилно одлагање на отпадот.
Дополнително, инспекцијата за патен сообраќај и патишта извршила контроли на девет градилишта, од кои седум биле задолжени со решенија за времен режим на сообраќај, а две имале позитивни записници.
– На едното градилиште е изречен прекршочен платен налог од 3.000 евра за правно лице и 900 евра за одговорното лице. Комуналната инспекција изврши 240 контроли на градилишта низ целото Скопје, опоменувајќи 25 објекти, а на 11 се изречени глоби од по 1.300 евра. Комуналните редари вршат постојана обиколка и контрола на територијата на градот, плоштадите и јавните површини, со што се изречени повеќе од 60 казни – рече Ѓорѓиевски.
Појасни дека во буџетот за 2026 година, предвидени се 64 милиони денари за делот за животна средина. Дополнително, се обезбедени 220 милиони денари за подигање и одржување на јавно зеленило и паркови, како дел од нашите искрени заложби за чист воздух и здрав живот.
Предвидени се субвенции за инвертер-клима уреди, чистење на оџаци, филтри за истите, субвенции за велосипеди итн.
Сепак, покрај овие силни бројки што ги изнесе градоначалникот, скопјани не почувствуваа драстична разлика. Воздухот во Скопје е чист само кога ќе дувне ветар или кога ќе заврне снег, а снег зимава уште нема.
Ѓорѓиевски се обиде да реплицира и на советникот Ристо Пенов, кој сметаше дека и тие како Совет и како Град Скопје треба да придонесат, како институција.
– Со Буџетот предвидовме пари за поставување филтри на оџаци и каде се, ги поставивме? праша Пенов. Според него, тие филтри на оџаците треба да ги „поставиме ние“. Граѓаните кои од социјални причини горат сѐ и сешто, не сакаат да дадат дополнителни 1.000 – 2.000 денари за монтажа, а Пенов праша и дали има на пазарот кај нас такви филтри и кој ќе ги монтира.
По паузата, кога Ѓорѓиевски говореше, Пенов не беше во салата, а градоначалникот рече дека „многу сака да се соочи со таквите како него, кои на времето ја извршувале истата функција, а ништо не презеле. Беше и министер за локална самоуправа и тогаш ништо не направи, иако и таа функција носи ингеренции за борба против загадениот воздух“.
Претседателот на Советот Даме Димитровски не дозволи градоначалникот да продолжи со лични прозивки и му го исклучи микрофонот.