Израелските војници убија најмалку шестмина Палестинци во Западен Брег
Израелските сили доцна синоќа и рано утринава застрелаа шест Палестинци, меѓу кои и малолетник, во окупираниот Западен Брег, соопшти палестинското Министерство за здравство.
Петмина Палестинци загинаа во градот Џенин, а шестиот во Јатма, село во близина на градот Наблус. Во инцидентот во Џенин повредени се шест Палестинци.
Официјалната палестинска новинска агенција ВАФА објави дека израелските сили го нападнале Џенин и ги опколиле владините болници и седиштето на Црвената полумесечина.
Насилството на Западниот Брег се зголеми по почетокот на војната помеѓу Израел и Хамас на 7 октомври. Според палестинското Министерство за здравство, во Западен Брег досега израелските војници и доселеници убиле 230 Палестинци.