Израел знаел за планот за напад на Хамас една година порано, објави „Њујорк тајмс“

Воените и разузнавачките лидери го опишале документот на 40 страници што им бил доставен од искусна аналитичарка како „имагинарен“


Палестинци покрај пробиената ограда околу Газа на 7 октомври (Фото: Ројтерс)

 

Една година пред нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври, меѓу израелските официјални лица се ширеше документ со детали за плановите за извршување на нападот, пишува „Њујорк тајмс“.

Иако документот од приближно 40 страници прегледан од „Тајмс“ не означува конкретен датум на напад, во него се наведени методите на напад со цел да се совлада израелската одбрана околу Појасот Газа и плановите за напад врз клучните воени бази и градови.

Документот го доби кодното име „Ѕидот на Ерихон“ од израелските власти, и изнесуваше план за напад со ракети, беспилотни летала наменети да ги онеспособат безбедносните камери и автоматските митралези долж границата и вооружените лица да влезат во Израел со параглајдери, мотоцикли, и пешки, според извештајот.

Лидерите првично ги отфрлија плановите за напад како премногу сложени за Хамас да ги изврши, објави „Тајмс“. На 7 октомври, овие серии на напади во Израел беа извршени и доведоа до смрт на 1.200 луѓе и киднапирање на 200 заложници.

Според „Тајмс“, три месеци пред нападот, искусна аналитичарка од израелската разузнавачка агенција предупредила дека Хамас поминал низ вежба за обука слична на онаа што е наведено во планот. Сепак, според е-поштата што ги виде весникот нејзината загриженост беше отфрлена од полковник во дивизијата Газа.

„Целосно побивам дека сценариото е имагинарно“, напиша аналитичарката во е-пошта. „Тоа е план дизајниран да започне војна“, додаде таа. „Тоа не е само напад на село“.

Израелскиот Канал 12 во понеделникот претходно објави за протечените мејлови од сајбер-разузнавачката единица 8200 на израелската војска, кој рече дека изворот на предупредувањето бил подофицер.

Во одбрана на нејзините наоди, подофицерот рече: „Тие се обучуваат, во големи сили, за голем настан. Ова не е парада на моќта, ова е подготовка за вистинската работа“.

Неколку дена по нападот во октомври, израелските власти изјавија за медиумот „Аксиос“ дека ноќта пред нападот, израелското разузнавање видело знаци на неправилна активност меѓу оперативците на Хамас во Газа. Иако тој ден претходно се одржаа консултации на високо ниво, израелските лидери одлучија да почекаат повеќе разузнавачки информации пред да ги стават безбедносните сили околу Газа во состојба на висока готовност, според „Аксиос“. Хамас нападна неколку часа подоцна.

Во нивниот посебен извештај, „Тајмс“ рече дека официјалните лица приватно признале дека доколку војската сериозно ги разгледала овие предупредувања и преземела чекори за зајакнување на југот, Израел би можел да го ублажи или дури и спречи смртоносниот напад на Хамас.