Израел: Русија веќе не сака да го смени Зеленски, ниту да ја „демилитаризира“ Украина


 

Израелскиот премиер Нафтали Бенет изјави дека има напредок во разговорите меѓу Русија и Украина, бидејќи, како што рече, барањата на Москва повеќе не се да го собори претседателот Володимир Зеленски или да ја „демилитаризира“ земјата. Од своја страна, Киев отстапува од барањето за влез во НАТО, пишува „Ерусалем пост“.

Израел дејствуваше како посредник во војната, но досега не е познат никаков напредок. Бенет беше првиот светски лидер кој го посети Кремљ од почетокот на руската инвазија.

„Демилитаризација“ и „денацификација“ (ефективно промена на владејачката елита) беа двете главни цели наведени во инвазијата на Украина на 24 февруари. Русија никогаш јавно не се откажа од нив, иако минатата недела сигнализираше дека разговара за опции за воена неутралност без распуштање на армијата на Украина.

„Ерусалим пост“ денеска објави и дека безбедносната служба Шин бет веќе подготвува план за хипотетичка посета на Бенет во Киев, откако Украина упати покана, а премиерот рече дека ќе пристигне во градот доколку напредуваат разговорите.

Бенет се воздржа да го критикува Зеленски по неговото синоќешно обраќање во парламентот, каде што виде паралела меѓу војната во Украина и холокаустот, но го изрази своето лично мислење дека „холокаустот е неспоредлив“. Тој јасно стави до знаење дека неговата земја нема да обезбеди системи од својата „Железна купола“ за одбрана на украинското небо.