Израел по вакцините: Животот се врати, но стравот остана


Сѐ уште се плашиме, ова не е „израелска нормалност“ ова е „Ковид нормалност“, оцени за „Независен“ соговорничка од Израел

 

Слободанка Јовановска

Се плашиме сѐ уште, ова не е „израелска нормалност“ ова е „Ковид нормалност“, оцени за „Независен“ соговорничка од Израел, која преферираше да остане анонимна. Вака таа ја претстави ситуацијата во државата на која ѝ завидува целиот свет, бидејќи успеа веќе да вакцинира дури 60 отсто од населението и на некој начин покажа што ќе следи во другите држави, олеснувајќи им го патот со своите одлуки. Последната храбра одлука е да почнат да вакцинираат и деца од 12 до 16 години, кои досега беа исклучени од процесот бидејќи нема никакви испитувања како на нив делува вакцината, а веќе почнаа да се вакцинираат и бремените жени, иако и за нив нема сознанија како ќе реагираат.

„Ние се вративме во нормалноста, но не во нашата израелска нормалност туку во корона нормалност. Сѐ е отворено, но во кафетериите, кината, на концертите и во  рестораните е дозволен влез само на тие што се вакцинирани. Но, не е секогаш така, бидејќи некогаш се пропуштаат луѓе и без да се проверат дали имаат ковид сертификати. Луѓето сѐ уште одат надвор со маски, бидејќи сѐ уште многу од Израелците се против вакцинирањето. Така, од 9 милиони популација само 5 милиони се вакцинирани досега. Има многу луѓе кои се навистина против вакцините. Со маски одиме и на работа, во канцелариите, а некои сѐ уште работат од дома. Но можам да кажам дека Тел Авив сега е полн со луѓе, сите излегуваат надвор и полни се рестораните, кината, кафетериите… Но, сѐ уште излегуваме со страв, животот не е како што беше“, вели таа.  

 

Според неа, сите што се вакцинирале имаат дигитален сертификат, како бар код,  кој трае шест месеци, а најавите се дека по тој рок ќе треба да добијат трета вакцина. Сепак, вели таа, впечатокот е дека ни властите навистина не знаат како ќе оди натаму процесот и дури предупредиле дека и со вакцина сѐ уште можат да се заразат со корона вирусот и да го пренесат на други, во ситуација кога децата воопшто не се вакцинирани и можат да бидат најзагрозени. Бројките на заразените откако почна кампањата за вакцинирање сепак охрабруваат. Таа вели дека последниот ден биле регистрирани 1.200 заболени од Ковид-19, за разлика од над 8.000 заразени дневно во јануари.  

Нејзиниот впечаток е, притоа, дека нема поплаки за некакви големи негативни ефекти од вакцината, иако се вакцинираа дури 5 милиони Израелци.     

„Се вакцинирав неодамна и немав некои позабележителни негативни ефекти освен главоболка една недела. Се вакцинираа речиси сите мои пријатели и досега не сум слушнала дека имале некои потешкотии, освен вообичаените, како и при вакцинирањето за грип. Слушнав, сепак, некои девојќи кои велеа дека им се прекинал менструалниот циклус“, вели таа за „Независен“, нагласувајќи дека сите се вакцинирале со „Фајзер“. Околу организацијата на вакцинацијата таа смета дека била многу добра и дека на неа ѝ претходела голема кампања за да се мотивираат што повеќе граѓани да се приклучат, при што на некој начин вакцината на „Фајзер“ се тестираше и сѐ уште се тестира на граѓаните во оваа земја. Една од локалните кафетерии во Тел Авив, пак, им даваше бесплатен пијалок на гостите што се вакцинираа додека престојуваа во локалот, секако безалкохолен, и си направи светска реклама. 

„Здравствениот систем направи голема кампања на телевизиите, преку билборди, за тоа се зборуваше на вести секој ден. На почетокот имаше долги редици за вакцинирање, но сега секој може да отиде и да се вакцинира без да чека. Самото вакцинирање беше многу, многу добро организирано“, вели таа.

Ваквата брза и темелна организација беше, и според кажувањата на израелските функционери, еден од клучните услови земјата да добие толку многу и толку бргу вакцини од „Фајзер“, бидејќи овој процес во Израел за нив е најдобрата реклама. Самиот министер за здравство Јули Еделштајн изјави: „Можевме да му кажеме на  ‘Фајзер’: Ако ја добиеме вакцината брзо, ќе спроведеме толку масовна операција и толку брза, така што целиот свет ќе зборува за вашата вакцина“.

Запрашана дали можат да патуваат сега, нашата соговорничка вели дека последно место на кое била е Македонија – пред една година.

„Сѐ уште се плашиме и, иако има луѓе што патуваат, нивниот број не е голем. Не е безбедно да се патува, а и без тоа нема каде, земјите се затворени“, вели таа додавајќи дека отворањето на границите на Израел за патници од странство веќе се најавува и ќе се случи наскоро.

Дали јавноста го гледа овој процес како успех за владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху и дали фактот што Израел е шампион во светот во обезбедувањето на вакцините ќе има некаков ефект на изборите што ќе се одржат следниот вторник?

„Комплицирано е. Половина од земјата го сака нашиот премиер, а половина го мрази, така што првите ќе му дадат кредит за вакцините, но од другата половина што не го сакаат велат дека овој резултат ќе се постигнеше и без вакцини. Знам дека многу луѓе што вообичаено гласаа за овој премиер нема да го сторат тоа повторно бидејќи се погодени финансиски од карантинот. Не верувам исто така дека многу нови гласачи ќе се приклонат на Нетанјаху поради вакцините и очекувам дека исходот ќе биде како и на претходните избори, без јасен резултат“, порачува таа.

Премиерот Нетанјаху, кому му претстои судење за обвиненија за корупција, што тој ја негира, се надева да ја задржи власта на четвртите по ред национални избори во Израел во последните две години, откако му се распадна коалицијата. Без оглед што мислат гласачите, неговиот последен постер за кампањата, објавен пред гласањето, го покажува како стои со подигнати два палци и опкружен со летачки конфети, со мото горе кое вели: „Враќање во животот“.