Изолиран и разочаран: американските тајни служби за Путин
Путин е фрустриран од развојот на борбите во Украина, тој е во изолација и реагира со нескротлив бес кон неговите блиски луѓе
Американските тајни служби повеќепати предупредуваа за руската инвазија на Украина, а сега повторно предупредуваат – овој пат за опасноста од самиот Владимир Путин. Според американските медиуми, Путин бил „фрустриран“ од воените, економските и политичките прашања и се „изолирал“ од другите.
Според NBC, американските тајни служби имаат информации дека рускиот претседател Владимир Путин е сѐ повеќе разочаран од развојот на воените битки во Украина. Тој се чувствуваше под зголемен притисок, како од зголемените протести во неговата земја, така и од економските санкции. Овие фактори би можеле да го соочат Путин со една единствена опција – да употреби уште повеќе насилство.
Тајните служби тврдат дека Путин е изолиран и ги држи банкарите, министерот за финансии, па дури и војската на далечина. Сенаторот Марк Ворнер, претседател на Комитетот за тајни служби, изјави за NBC дека рускиот претседател е „очигледно изненаден од неочекувано силниот отпор на Украинците“.
Путин беше опкружен со додворувачи и луѓе кои одобруваа сè што тој кажа. Ворнер рече буквално: „Се плашам дека Путин може да се почувствува турнат во аголот“. Според американските медиуми, постојат конкретни информации дека Путин е „фрустриран“ и реагира со нескротлив бес кон блиските луѓе. Ова беше многу необично, бидејќи Путин обично знаеше да ги контролира своите емоции. „Не веруваме дека тој има реален поглед на она што се случува во моментов“, рече сенаторот Ворнер, кој добро ја познава Русија.
За менталното здравје на Путин, во меѓувреме, се зборуваше во различни експертски кругови. „Би сакал да можам да кажам повеќе за ова“, напиша на Твитер американскиот сенатор Марко Рубио од Флорида. „На почетокот – само ова: нешто не е во ред со Путин“.
Поранешниот директор на ЦИА, Џон Бренан, изјави дека Путин „веќе не е истиот ладнокрвен и пресметлив диктатор каков што беше во 2008 година“. Други експерти додадоа дека „очајниот и импулсивен Путин е многу поопасен“. И Бренан изјави за NBC дека руската инвазија на Украина е „сосема погрешна одлука на Путин“.
Бренан буквално рече: „Никогаш досега не сум доживеал вакво нешто. Сигурен сум дека сега ги кара советниците, министрите и другите околу него – и тука се случува прилично емотивна спирала“.
Мајкл Кофман, аналитичар во тинк-тенкот CNA, исто така, изрази загриженост за постапките на рускиот претседател. „Руската армија е првенствено армија со артилериски сили и досега користеше само минимален дел од расположливите капацитети“, напиша Кофман на Твитер. „За жал, претпоставувам дека тоа е причината зошто најлошото допрва доаѓа, а оваа војна може да биде многу погрда“. (Дојче веле)