Изложбата „Старите мајстори и македонската модерна“ е оригинален сликарски дијалог меѓу историјата и сегашноста

Како Европа ја обликуваше македонската уметност на великаните


Во МКЦ во Скопје, синоќа, во друштво на сликите на „старите европски мајстори и великаните на македонската модерна“ , бројни љубители на уметноста, меѓу нив и претседателката Гордана Силјановска-Давкова, уживаа во оригиналниот сликарски дијалог меѓу историјата и сегашноста, концепт и избор на проф. Кирил Пенушлиски, остварувајќи го сонот што му го раскажал татко му, славниот сликар Илија Пенушлиски.
 
 
Изложбата претставува длабинско истражување на комплексниот однос меѓу европското уметничко наследство и развојот на модерната уметност во државата. Проектот го анализира влијанието што творештвото на старите европски мајстори го имало врз македонските модерни уметници, не само како извор на техничко знаење, туку и како поттик за критичко преиспитување, интерпретација и создавање нови визуелни јазици.Поставката отвора и пошироки прашања за улогата на културното наследство како жив, активен и релевантен фактор во современото уметничко творештво, позиционирајќи ја македонската модерна уметност во поширок европски контекст.
 
 
Во делата на Личеноски, Лазески, Корубин, Коџоман, Манев, Чемерски, Пенушлиски, Аврамовски, Аризанов и други македонски сликарски великани, ја препознавме не само инспирацијата од големите европски сликарски имиња и авторитети и обратно, туку и посветеното и плодно проучување и учење од нивните дела, што резултира со лична уметничка интерпретација на исти или слични субјекти, објекти и настани во различен амбиент и време.
Гледајќи ги прекрасните слики, сфативме дека сликарството не е само огледало и сведоштво, туку и непресушна, безвременска и бесценета школа за идните уметници, континуирана и недовршена приказна што тече.
 
 
Очигледно е дека духовното наследство се помни, сака и негува, одговорно се пренесува од уметник на уметник, достоинствено опстојува и се прифаќа од новите генерации кои пак, вредно, страсно и со почит, најпрво му се восхитувале, потем се надахнувале од него, па, филигрански го проучувале и на крајот, го оживувале на свој, нов и поинаков начин од оној на учителот.
„Си заминавме задоволни, со благодарност за можноста да бидам дел од настанот, со убедување дека само уметноста може да го спаси светот од небиднината!, напиша во својот ФБ пост, Силјановска-Давкова.
Проектот е поддржан од Министерството за култура, а изложбата ќе биде отворена за посетителите до 20 мај. 
Кирил Пенушлиски е историчар на уметноста, кој своето образование го стекнал во Париз, Италија и во Велика Британија, професор на Универзитетот за аудио-визуелни уметнoсти „Еуропа Прима“ во Скопје и визитинг професор на универзитетот за уметност „Едуконс“ во Србија. (Л.С.)