Изложба на Колектив Зеро во Софија
Изложбата „Од 0 до ∞“ на Колективот Зеро денеска ќе биде отворена во „One Gallery“ во Софија, Бугарија. Изложбата е во организација на Центарот за креативни индустрии – НЕБО од село Суводол, Демир Хисар и „One Gallery“ од Софија и е подржана од Министерството за култура, преку повикот за поддршка на проекти од национален интерес за 2020 година.
Колективот Зеро го сочинуваат: Миодраг Десовски, Перица Георгиев, Зоран Јаневски, Александар Станкоски, Беди Ибрахим, Златко Трајковски (1960-2017), Стеван Шашков, Синиша Цветковски, Сашо Јовчевски и Горанчо Ѓорѓиевски.
-Како што Нулата нема ниту почеток ниту крај, така и прикажаните дела на оваа изложба немаат своја хронолошка позадина, ниту пак некоја концепциска форма, што јасно укажува и на суштината на Колективот ЗЕРО. Но, затоа пак кај нив, таа спонтаност носи некој метафизички ред во хаосот. На изложбата прикажани се дела од раниот период на групата, индивидуални дела на уметниците, но и заеднички дела – фотографии врз кои се извршени интервенци во сликарска или дигитална форма. Изложбата е уметнички континуум на претходните изложби на Колективот ЗЕРО, во кој индивидуалните погледи на уметниците, формираат една колективна целина, во која се забележува меѓусебната игра на уметноста, естетиката и политиката, соопшти Центарот за креативни индустрии – НЕБО од Суводол, Демир Хисар.
![]()