Изложба „Ехо во мразот“ на Исмет Рамиќевиќ во Македонскиот КИЦ во Софија


Изложбата „Ехо во мразот“ од еминентниот македонски ликовен уметник Исмет Рамиќевиќ ќе биде отворена вечерва во 18 часот во Македонскиот културен центар во Софија.

Концептот на изложбата, како што соопшти Центарот, ја артикулира и рефлектира современата глобална воено-политичка реалност. Во ова актуелно време кога се одвиваат сè поголеми отворени и прикриени конфликти, оружјето повторно се легитимира како единствен инструмент за решавање на политичките несогласувања. Преку симболичката гестуалност, во проектот се „запира, замрзнува куршумот“ со што го артикулира својот јасен антимилитаристички став.

Авторот истовремено ги осветлува разновидните сложени парадокси на нашето време: брутални војни, човечки страдања и климатски екстреми кои се испреплетуваат со експанзијата на масовните и тенденциозни дезинформации.

Во своето  творештво, Исмет Рамиќевиќ ја развива мултимедијалната, т.е.трансмедиумска ликовна практика која ги комбинира скулпторските сегменти со  неговата визуелна поезија и музика, со спортот и интерактивните перформанси, создавајќи комплексен и динамичен уметнички израз.

На отворањето на изложбата, авторот ќе изведе музички перформанс. Тој ќе свири на праисторискиот дувачки инструмент — окарина-стрела, дополнувајќи ја изложбата со уникатен звучен слој.

Во изведбата на перформансот е поканета и публиката да се вклучи и да ја воспостави интеракцијата со овој културно-уметнички настан.