Излетниците и демонстрантите за 1 Мај може да здивнат: Нема да врне, но ќе биде студено
Утре, на 1 Мај, традиционално, поголем дел од работниците ќе излезат на скопските улици со барања за повисоки плати и подобри услови за работа. Дел од граѓаните пак, исто така, традиционални, едвај чекаат да ги распалат скарите на некое излетничко место.
Освен што ќе треба да се погрижат потопло да се облешат, од Управата за метеоролошки работи, информираат дека нема да врне.
Послаби врнежи од дожд се најавуваатсамо за крајниот југ на земјава, па така битолчани, гевгеличани и струмичани, може да бидат разбркани по дома или воопшто да не излезат на излет во близина.
Еве ја прогнозата од УХМР
Времето утре ќе биде променливо облачно и свежо со сончеви периоди. Во јужните делови ќе има услови за повремен локален дожд. Ќе дува умерен, наместа повремено засилен ветер од северен правец.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец.

Температурите ќе се движат од -3 степени Целзиусови на Маврово и -1 во Берово, наутро, до 15 степени во Скопје, односно 16 во Гевгелија.
Времето во следните денови пак, ќе биде променливо, а така ќе се задржи до недела, со посвежо време со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец (над 60 km/h), а утринската температура наместа ќе се спушти под нула степени.
Од понеделник следува стабилизирање на времето и пораст на дневната температура.