Изборот на Шекеринска е порака и за Македонија, и за Бугарија, и за ЕУ

Шекеринска како министер за одбрана понесе голем товар во процесот за членство во НАТО. Беше грубо нападната од  „уставобранителите“, а храбро ги издржа заедно со своите сопартијци обвинувањата за потпишувањето на Преспанскиот договор


Изборот на Радмила Шекеринска за заменик на генералниот секретар на НАТО не е само добра вест за Македонија, туку и важна порака за нас, за соседите и за ЕУ. Со нејзиниот избор на земјава ѝ се оддава признание за сѐ што направи на трнливиот пат кон членството во алијансата.

Шекеринска како министер за одбрана понесе голем товар во процесот на уривањето на пречките и опструкциите на тој пат. Беше грубо нападната од  „уставобранителите“ кои очекуваат помилување, храбро ги издржа со своите сопартијци сите обвинувања за потпишувањето на Договорот од Преспа, за непочитување на Уставот, за кршење на законите, за национално предавство на Македонците и на земјата и за  „виткањето кичма“ во водењето на надворешната политика.

Затоа денес, оние што силно се противеа на тој пат, молчат, се чуствуваат веројатно посрамени, и немаат храброст ниту јавно да честитаат, ниту да ја согледаат значајноста на еден ваков чин од страна на генералниот секретар на НАТО Марк Руте, ниту  да ја согледаат големината на угледот и признанието што го добива Македонија која го има второт место по важност во НАТО.

Секако ќе треба малку да се замислат и оние кои не ѝ понудија ниту една позиција во новата влада на СДСМ во 2022 и не се обидоа да го користат нејзиното знаење и нејзиниот углед за СДСМ во 2024 година да не доживее катастрофален пораз. И тоа во време кога Шекеринска беше избрана за потпретседател на Партијата на европските социјалисти, иако Македонија сѐ уште не е членка на ЕУ.

Фактот што Марк Руте бирал меѓу Шекеринска и Марија Габриел која беше европратеник, еврокомесар и министер за надворешни работи на Бугарија од 2023 до 2024 година, и се определил за Шекеринска е порака за Бугарија. Секако дека бил во прашање и капацитетот на личностите, но била во прашање и надворешната политика и политичката реторика на тие две личности. Во актуелниот спор меѓу Бугарија и Македонија ова е порака дека ставовите на Шекеринска од страна на НАТО се почитуваат и дека во таа организација немат проблем со нејзиниот македонски национален идентитет, јазик и интерпретации на историските корени на нацијата.

Македонија со нејзиниот избор на функцијата добива аргумент за признавање за исправноста на нашата позиција. Нејзината личност, со нејзиниот национален идентитет, јазик и бекграунд веќе никој не ќе може да ги оспорува. Македонија преку неа со сите свои национални атрибути се вградува во НАТО и таа станува уште еден симбол на посебноста, упорноста и исправноста.

И само ова беше доволно, Силјановска, Мицкоски и Муцунски да бидат меѓу првите што ќе честитаат ѝ ќе му заблагодарат на Руте за изборот.

Ова именување е и порака до ЕУ.

Ако Македонија со свои кадри може да претседава со ОБСЕ, со Генералното собрание на ОН и да има заменик на генералниот секретар на НАТО, тогаш значи дека таа исполнува уште еден важен критериум за членство во ЕУ, а тој е имањето кадри и давањето придонес за европскиот мировен проект.

Медиумското присуство на Шекеринска низ европските метрополи од Нова година ќе потсетува постојано дека ЕУ има незавршени работи во Македонија и можеби ќе се создава атмосфера за откочување на процесот.

На крајот на краиштата, изборот на Шекеринска на функцијата заменик-генерален секретар на НАТО, Мицкоски може да го смета за уште една гаранција за тоа дека патот на Македонија кон ЕУ нема да биде блокиран.

(Ѓорѓи Спасов е универзитетски професор и поранешен амбасадор)