Изборна кампања: Овде завршува реалноста за ВМРО-ДПМНЕ


НАНО РУЖИН

Партијата не успеа да направи политичка катарза од нечистотијата и затоа во нејзиното раководство сѐ уште фигурираат голем број „асови“ од епохата на  вторитарна Македонија зад кои се влечат тешки криминални афери

 

ВМРО-ДПМНЕ Ante portas! Македонските националисти, конзервативци и популисти се надеваат дека повторно ќе се врати деценијата на најдолгото владеење со државата 2006-2017. Тогашниот режим на Груевски, меѓународната заедница го окрактеризира како  класичен систем на „хибридна и површна демократија“. Тој систем ги воспостави сите демократски институции, но ниту медиумските слободи, ниту владеење на правото не функционираа во таа „заробена држава“. Клиентелизмот и строгиот реваншизам беа главни принципи на политичката игра со партиските сојузници и бизнис фелата.

Партизацијата на работните места беше резервирана за пониските слоеви. Нема сомнежи дека Ханибал повторно гаи илузии да го освои Рим и да си поигра со државата, демократијата и нашите европски соништа. Во кампањата ги манипулираат граѓаните дека „Заев ја предал и продал државата и името за пусти пари“. По дедукција, следниот чекор би бил: „Доколку дојдеме на власт, нема да го почитуваме, а ако може и ќе го поништиме Договорот од Преспа“. „Ќе им брцнеме во очите на сите оние од Брисел до Вашингтон кои им аплаудираа на Заев и Димитров“.

Се прашуваме од каде  потекнува таа деструктивна силна желба да се урне едно сериозно дипломатско достигање кое ги надминува не само билатералните  туку и регионалните рамки. Можеби овие виртуелни амбиции произлегуваат од болната амбиција за да се освои власта по секоја цена? Тоа би бил како супер-бинго добиток на Лото и за фрустрираниот Груевски и за неговиот подизведувач.

Според Томас Бернар од париската „Окована патка“, желбата за власта е како тешка дрога! Луѓето излегуваат од нормалата и во соништата ги подгреваат амбициите за дионистичката раскалашност која си ја дозволуваше Груевски и апаратчиците. Колку и да настојува Мицкоски да ја пресече ендемската врска со Груевски и минатото, тој е атавистички зависен и од будимпештанецот и од неславните години на владеењето (а не на раководењето) на неговата клика со државата. Еден дел од оние моќни и тажни ликови исчезнаа, но убеден сум дека во тишината сладострасно мечтаат за враќање во белиот дворец.

Деновиве пред години

За време на долгогодишната историја на Македонското радио, постоеше емисијата „Деновите пред години“, во кои се евоцираа значајни датуми од политичкото минато на  Македонија. Анализирано од денешна перспектива, „Деновите пред години“  единаесетгодишното владеењето на кликата на ВМРО-ДПМНЕ, беше исполнет со многу фантазија, волшебни измислици, легенди и митологија, фантомски инвеститори, внимателно испрани пари, уценети претприемачи, неверојатни сценарија, тепање пратеници, апсења на политички противници и новинари, сомнителни афери и несреќи. Од една страна беше поставена владејачката политичка елита, која се инспирираше од филозофијата на Карл Шмид и пропагандата на Гебелс, античките митови и платените егзекутори на ВМРО од минатиот век, конзумираше кавијар и пачја паштета, и пиеше „Дом Перињон“ или „Болингер“, а на сопствениот народ му препорачуваше да конзумира риби, бидејки свинското било премногу масно и штетно. Организираше роуд-шоуа прошетки низ најпоскауваните турситички дестинации и примаше белосветски хохштаплери кои требало да инвестираат во државата.

Црвената буржуазија за нив беше мало скромно дете. Од друга страна, постоеше една наивна толпа, изманипулирани политички навивачи кои повремено се самонарекуваа „жртви на транзицијата“. Овие сиромашни постари луѓе, за бесплатен хамбургер и пиво, „спонтано“ протестираа пред седиштето на тогашната опозициска СДСМ.

Евидентно е дека за една деценија владеење, ВМРО-ДПМНЕ значително се збогати, но го збогати и политичкиот живот. Најнапред, според стариот адет на дресирање на непослушните  суштества, беа јавно прикажани спектакуларните апсења на неколку „партиски грешници“, заради наводни криминали или непочитување на кодексот што на сите им го наметна ВМРО-ДПМНЕ. Кежаровски, Велија, Љубе и Младенов, беа регистрирани како опасни и неполезни поединци кои „премногу зборуваат и деранжираат“. Сите платија премногу голема казна заради нивната своеглавост, но и заради хјубрисот на Груевски. Фијат Цаноски спаѓаше во категорија на претприемачи кој мораше да биде казнет финансиски и ментално, за да му се одземе сѐ што наследил и заработил во животот, заради неговата политичка слободоумност. Предбожикното „исфрлање од парламентот“, бласфемата со личните карти на сиромашните Македонци од Пустец, обидот за фалсификување на локалните избори, изборните шатбови во МВР, прислушувањето… претставуваа поврзани алки на авторитарниот хибриден режим. Тоа беше логичен епилог на функционирањето на режимот.

Многу сериозни интелектуалци беа фасцинирани од  политичкото творештво на ВМРО-ДПМНЕ, кое воведе неверојатни спинови за извртување на вистината, во кои поверуваа и неговите најголеми ривали. Истовремено, завладеа со медиумската фела преку уцени и поткуп под изговор дека „партијата немала сопствен електронски медиум“. Политичкото шоу се префрлаше од тема на тема, од институција на институција, од личност на личност. Митологијата за Филип II, Александар Македонски и останатати антички личности, станаа поприсутни во политичките кампањи отколку христијанството, Илинден, Делчев… Со посетата на кралот на Хунзите, смешните антички спотови, Александровото оро, стереотипните споменици и фонтани во центарот на секој град наивна политичка иконографија достигна врв на невкус и посилна и од онаа на Маршал Тито. Овој иконографски испад , ја зголеми кризата на идентитетот и го збуни македонскиот народ:  дали потекнуваме од Јужните Словени или од античките Македонци? Кругот на приказната за античката историја се затвори со прескапиот проект „Скопје 2014“, кич-иконографија на барок и неокласицизам од пресувана морска пена со фантастичен буџет од близу една милијарда евра

На заминување, режимот остана доследен кон својот авторитарен и недемократски политички стил. „Кумановските настани“ и продорот на „тврдокорните“ во републичкото Собрание, претставуваат дидактички поуки за сите аналитичари но и за народот. Ако господ не постоел, сѐ било дозволено, пишува Макијавели. Изгледа дека на 27 април 2017 и најголемите верници во редовите на ВМРО-ДПМНЕ поверуваа дека господ не постои. Сѐ им беше дозволено.

И денес, на две недели пред изборите некој сонува да нѐ врати во минатото. Кој тоа сонува Македонија повторно да помине низ деветте кругови на пеколот на Данте Алигери? Илузорно е на некого да му се забрани да сонува за власта и е сосема демократски да настапува во изборните процеси. Тука решава избирачот, неговата слобдна волја, совест и одговорност. Во услови на Ковид-19, овие метафизички прашања се усложнија. Дали нашето незадоволство од поединци во СДСМ може да биде посилно од „државната причина“ и одмаздничкии да не гласаме за партијата која го одбра победничкиот слоган на Обама „Yes We Can“.

Обнова на политичката „кичма“

По губењето на власта во 2017 и откривањето на аферите за прислушување, расветлувањето на криминалите на челниците на ВМРО-ДПМНЕ, загорзената демократија, упадот во Собранието и обидот за убиство на шефот на тогашната опозиција Заев  и наивното „многу значајно патување“ на Груевски во Виена, во секоја демократска држава би значело крај за таквата политичка елита. Навистина, првиот човек на партијата емигрираше и таа доживеа клиничка смрт, го подвитка ‘рбетниот столб свесна на сопствените грешки и слабости. Меѓутоа, заради индолентноста на судската власт и Специјалното јавно обвинителство, самото членство на ВМРО-ДПМНЕ беше пријатно изненадено, што само еден функционер од хибридното ВМРО-ДПМНЕ настрада во судските процеси. Партијата не успеа да направи политичка катарза од нечистотијата и затоа во нејзиното раководство сѐ уште фигурираат голем број „асови“ од епохата на  авторитарна Македонија зад кои се влечат тешки криминални афери.

Фрустрирани од губењето на власта и стравот од судските процеси, раковдството се определи за црна кампања, со негативни и навредливи наративи за лидерите на СДСМ.   Кампањата на ВМРО-ДПМНЕ тргна со истата приказна, која во времето на Шарената револуција, им ја лепеше тогашната опозиција. Меѓутоа, аргументите на ВМРО-ДПМНЕ се недоволно убедливи. Во недостаток на инспирација и теми, го прикажаа оној неуспешен спот за „искривениот ‘рбет на Македонецот“ заради компромисот со Грција, потоа темата  „заминување на младите заради“ No Futur и корупцијата, иако главниот бран на мигрирани граѓани од државата се одвиваше токму во епохата на единаесетгодишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ. Црната кампања преку „корупција и организиран криминал врз темата ‘Рекет’“ потсетува на народните умотворби за ишкањето на мувата. Талентираните спин-доктори на ВМРО-ДПМНЕ со многу пари ја раширија аферата „Рекет“, барајки некаква хистерична одмазда кон Заев, иако вердиктот за дел од актерите беше донесен.

Што се однесува до слоганот „Обнова“ лично сметам дека е позајмен на филмот „Исправи се Делфина“ на Александар Ѓурчинов, во кој се прикажува компилација на приказната за младата девојка која решила да ги надмине сите тешкотии и разочарувања на животот и сака да го преплива Ла Манш и подвигот на Атина Бојаџи. Овој слоган од семиотичка гледна точка многу зборува за ВМРО-ДПМНЕ. Прво, изгледа дека и во однос на стратешките концепции ништо ново не се случило со ВМРО-ДПМНЕ, бидејки пред некоја година партиската кампања се фокализира врз слоганот „Преродба“, кој е синоним на сегашниот слоган. Меѓутоа во тој временски период, ВМРО-ДПМНЕ имаше изградено совршен модел на перманентно победување на изборите и се изјасни за парола, во која партијата во следниот мандат би ја обновувала и препородувала државата.

ВМРО-ДПМНЕ фројдовски се препознава низ слоганот „Обнова“. Денес навистина на ВМРО-ДПМНЕ му е неопходна обнова и преродба и најрационално е таа да ја почне во сопствените редови, со оглед дека постојат неколку нови ликови кои немаат путер на главата и се мошне перспективни, интелигентни и разборити млади луѓе. Сепак, за да го искористи на најдобар можен начин новиот почеток, ќе треба да покаже зрелост на изборите и да ја неутрализира она скриена малициозност, неаргументирана агресивнист, употребата на лажните вести и постепено да си го исправи подгрбавениор ‘рбет кој го носи од времето на авторитаризмот.

(Нано Ружин е универзитетски професор)