Избори во Турција: Ердоган и Киличдароглу нудат сосема различен избор за претседателството


Турците се на историска пресвртница – избираат меѓу двајцата фаворити за претседателските избори кои нудат драматично различни патишта за иднината на нивната земја.

По повеќе од 20 години на власт, Реџеп Тајип Ердоган ветува силна, мултилатерална Турција и отворање на шест милиони работни места и го обвинува Западот дека се обидува да го урне од власт.

Неговиот главен ривал, Кемал Киличдароглу, поддржан од широка опозиција, сака да ја насочи оваа земја-членка на НАТО назад кон прозападна, подемократска позиција.

Претседателот ги обвинува своите противници дека се „про-ЛГБТ“, додека неговата партија со исламистички корени се позиционира како на страната на семејството.

Голем момент за турското уредување

Од 2017 година, Ердоган ја води Турција со огромни претседателски овластувања, од огромната палата во Анкара. Како извршен претседател тој може да прогласи вонредна состојба и може да избира или разрешува државни службеници.

Ако победи, нема многу да се сменат работите вели Селим Кору, член на турската тинк-тенк Тепав. – Неговите овластувања се веќе толку широки што нема да бара дополнително да ги прошири, вели тој.

Но, човекот што сака да го замени сака да го укине претседателскиот систем и да стане „непристрасен“ лидер, без конекции со политичка партија.

Киличдароглу вели дека ќе ја врати Турција да има парламент и премиер на чело на земјата, и ќе ги оживее независните судови и слободниот печат. „Ќе им служам на сите 85 милиони граѓани на Турција. Ќе покажам почит кон секој од вас“, вети тој.

Останатите пет партии во неговиот сојуз ќе имаат по еден потпретседател, како и неговите сопартијци кои се градоначалници на Анкара и Истанбул.

Пред да го укинат моќното претседателство, можеби ќе треба да ги искористат неговите овластувања за да ги истуркаат реформите доколку немаат доволно контрола во парламентот.

Парламентарните и претседателските избори ќе се одржат на 14 мај.

Гледајќи кон исток или запад

Турција е дел од западната одбранбенбена алијанса – НАТО, но претседателството на Ердоган побара блиски врски и со Кина и Русија, купувајќи руски систем за воздушна одбрана С-400 и отворајќи руска нуклеарна централа – прва во Турција – пред изборите.

Тој се залага за мултилатерална позиција, гледајќи ја Турција како „остров на мирот и безбедноста“ и нудејќи ја Анкара како посредник во руската војна во Украина.

Неговиот противник и неговите сојузници, во меѓувреме, сакаат да се вратат на процесот на пристапување во Европската Унија и да ги обноват воените врски на Турција со САД, истовремено одржувајќи ги односите со Русија.

Ако Ердоган остане на власт, тогаш Селим Кору верува дека ќе продолжи да ја турка Турција подалеку од Западот, без да го напушти НАТО. „Тој сака да ја доведе Турција до точка во среднорочна или далечна иднина каде што членството во НАТО е ирелевантно.

Висока инфлација или ортодоксна економија?

Ова е критичен момент и за турската економија. Инфлацијата официјално е 43,68 отсто, а Турците се соочуваат со криза поради зголемените трошоци за живот многу потешка од повеќето. Многумина ќе ви кажат дека реалната стапка на инфлација е многу повисока.

Раните години на Ердоган беа поим за силен економски раст и огромни градежни проекти. И Турција секогаш цврсто се држеше до условите на своите договори за заем со ММФ.

Но, во последниве години неговата влада се откажа од ортодоксната економска политика. Постепено ја нагризуваше независноста на централната банка, вели Селва Демиралп, професорка по економија на Универзитетот Коч, отпуштајќи тројца нејзини гувернери едноподруго.

Инфлацијата порасна, бидејќи каматните стапки се задржаа на ниско ниво – додека турската валута лирата поевтини за да го подобри трговскиот биланс и да го зголеми извозот.

Ердоган сè уште ветува висок раст, шест милиони нови работни места и големи стимулации за туризмот, но професорката Демиралп верува дека неговите политики ќе ја одржат инфлацијата до 45 отсто во наредните месеци.

Доколку Кемал Киличдароглу и неговите сојузници ги освојат претседателството и парламентот, таа верува дека враќањето на ортодоксните економски политики и независната централна банка ќе ја намалат инфлацијата на 30 отсто до крајот на 2023 година, а потоа ќе продолжи да се намалува.

Дури и ако тоа значи повисоки каматни стапки, професорката Демиралп верува дека Турција може да ужива силен раст од странските инвестиции: „Во моментов Турција е прилично евтина и нејзината локација, младото население и инфраструктурата нудат заемно корисни можности за инвестирање за меѓународните инвеститори“.

Стравувањата на сириските бегалци

Овие избори многу внимателно ги следат 3,5 милиони сириски бегалци кои имаат привремена заштита во Турција, бидејќи опозицискиот предизвикувач сака да ги испрати дома „најдоцна во рок од две години“.

Тоа е голема грижа за Сиријците, кои дојдоа овде главно во првите шест години од војната до 2017 година.

Повеќе од 80 отсто од Турците сакаат Сиријците да си одат во својата земја, а по економијата и последиците од земјотресот тоа е најважното прашање за Турците, вели професорот Мурат Ердоган, кој води редовен сириски барометар.

А сепак, повеќе од 700.000 Сиријци се во турските училишта и 880.000 сириски бебиња се родени во Турција од 2011 година. „Не можам да разберам како тие би го напуштиле овој живот и би се вратиле во Сирија“, вели проф Ердоган.

Кемал Киличдароглу вели дека ќе преговара за враќањето на Сиријците со Дамаск, но бидејќи Сирија инсистира Турција да ја напушти тампон зоната долга 30 километри преку границата, тоа е ризик Сирија да извршува напади врз зоната и да предизвика нов бран на бегалци.

Лидерот на опозицијата добро знае дека за договор би биле потребни до две години и тој би побарал од Обединетите нации да го надгледуваат. Но, Мурат Ердоган верува дека тоа може да потрае една деценија за да се спроведе.

Претседателот Ердоган се обиде да го смири ова прашање, со ветување дека ќе го забрза доброволното враќање на милион Сиријци преку договор со претседателот Башар ал Асад. Но, идејата Сиријците да се вратат доброволно изгледа неверојатна.

Курдските „кралотворци“

Голем е влогот на овие избори за турските Курди, кои сочинуваат дури една петтина од 85-милионското население на Турција.

Еден од 10 гласачи ја поддржува прокурдската ХДП, која е втората по големина опозициска партија. Тие јавно го поддржаа Кемал Киличдароглу за претседател и гласањето го сметаат за „најклучните избори во историјата на Турција“.

Курдските гласачи првично ги поддржаа политиките на владата на Ердоган бидејќи нивните права беа подобрени во првата деценија од неговото владеење. Но, тоа се влоши во 2015 година, кога прекинаа мировните преговори за ставање крај на деценискиот бунт на курдската милитантна ПКК, која Турција и нејзините западни сојузници ја сметаат за терористичка група.

Претседателот Ердоган го обвинува Киличдароглу за предавање на „уцените“ и агендата на ХДП и милитантите. „Мојата нација нема да ја предаде оваа земја на претседател кој доби поддршка од Кандил“, предупреди тој, зголемувајќи го влогот уште повеќе, мислејќи на штабот на милитантите во северен Ирак.

Опозицискиот предизвикувач отворено му се додворува на турското курдско население, од кои милиони „се третираат како терористи на дневна основа“ и се стигматизирани од владата која бара националистички гласови.

Прокурдската партија жестоко ги негира владините наводи дека е „политичко крило“ на милитантите. Таа стои под чадорот на движењето Зелена левица во случај владата да се обиде да ги забрани нејзините кандидати.

(Би Би Си)