Избори во март?

Коалициските партнери СДСМ и ДУИ се уште немаат план како ќе тече организацијата на предвремените избори и кога ќе се имплементира правилото за Пржинска влада на 100 пред нивното одржување. Ниту пак имаат прецизен датум за нивно одржување зад кој би застанале на утрешната лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски. За него дополнително треба да одлучат лидерите на политичките партии. Доколку тие излезат „прегрнати“ од вилата Водно, очекувањата се дека предвремените избори, со оглед на потребното време за формирање на преодната Влада, би можеле да се одржат кон крајот на февруари или почетокот на март. Заев тврди дека не е планиран точниот датум на нивното одржување и дека и тој ги слушнал шпекулациите за декември, март или април.
„Како законот предвидува тоа ќе го почитуваме. Јас сум тој што барал Пржинска влада и таа е впишана во законот. Причината е сите учесници да имаат доверба во изборниот процес. Предвидено е во законот и ние тоа ќе го почитуваме“, одговори премиерот Зоран Заев на новинарско прашње на денешната прес-конференција.
Прашање е што е прифатливо за опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Нејзиниот лидер Христијан Мицкоски најави почеток на „финална пресметка“ и вадење на поддржувачите „на улица“, но потоа ретерираше. Дополнително, во вчерашното обраќање до јавноста Мицкоски бараше оставка на владата, но беше резервиран во поглед на одржувањето на новите избори. Тој порача дека прво бара техничка влада која би спровела „план и стратегија за реформи“.
„Народот бара и посакува предвремени избори, исто како и јас. (…) Во тој меѓу период потребни се реформи, за кој ВМРО-ДПМНЕ ќе предложи план. Реформите треба да ги спроведе влада составена од личности составена од силни индивидуи со богато лично портфолио. (…) Ние не сме Зоран Заев и не ми се потребни избори за пуста власт“, порача Мицкоски.
„Мириса на нова ВЛАДА. Да живее РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА!“, напиша на фејсбук Владо Мисајловски, потпретседател на ВМРО ДПМНЕ откако Заев најави дека ќе се одржат предвремени парламентарни избори.